МД „Илинден“-Тирана: Нема да замолчиме пред бугарските манипулации
- Македонското друштво „Илинден“-Тирана, преку соопштение за јавноста ги отфрла како „неосновани и тенденциозни обвинувањата изнесени во емисијата 'Студио Actualno Балкани' и настапот на Ервис Талури, претставник на т.н. Друштво за бугарско-албанско пријателство, структура која одамна нема ништо заедничко со пријателство, туку со манипулација, асимилација и криминал“.
Дебар, 27 јануари 2026 (МИА) - Македонското друштво „Илинден“-Тирана, преку соопштение за јавноста ги отфрла како „неосновани и тенденциозни обвинувањата изнесени во емисијата 'Студио Actualno Балкани' и настапот на Ервис Талури, претставник на т.н. Друштво за бугарско-албанско пријателство, структура која одамна нема ништо заедничко со пријателство, туку со манипулација, асимилација и криминал“.
Се оценува дека станува збор за класична медиумска манипулација со цел замолчување на македонските активисти во Република Албанија.
-Во споменатата емисија Талури, директно ја напаѓа македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција(МАЕИ) и нејзиниот претседател. Овие емисии претставуваат продолжение на долгогодишната политика на Бугарија за негирање на македонската нација и македонскиот идентитет, стои во соопштението.
Се додава дека Ервис Талури, роден и израснат во Албанија, од татко Албанец и мајка Македонка, по целосно школување, финансирано и организирано од бугарската држава – од средно образование до докторски студии – денес се враќа во Албанија како „експерт“ за бугарско малцинство, со задача да ги негира Македонците, да ја напаѓа македонската партија и да ја релативизира вистината.
-Таквата политика, која користи методи од 19 век, е спротивна на европските вредности и основните човекови права. Но јавноста мора да знае: зад оваа пропаганда стои добро организиран механизам. Друштвото за бугарско-албанско пријателство со години е поврзано со бизнисот со бугарски пасоши, каде од албански граѓани се наплаќаат илјадници евра за „докази за потекло“, лажни потврди и посредување. Овој криминален модел не е тајна – за него имаше апсења и во самата Бугарија и Албанија, а дел од инволвираните лица завршија и на меѓународни црни листи, се нагласува во соопштението, потпишано од претседателот Никола Ѓурѓај.
Од друштвото порачуваат дека „ и покај притисоците со кои сме постојано соочени – преку разни методи, ќе продолжиме одлучно да се бориме против негацијата на македонскиот идентитет од страна на бугарските оркестрирани структури, како во Албанија, така и во европските институции“. вт/
Фото:МИА архива