• Saturday, 18 May 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје,  9 мај 2024 (МИА) - Во охридското село Велгошти вчера во 17.00 часот полициски службеници од СВР Охрид го привеле В.К.(40) од Охрид, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана.

Од МВР денеска соопштија дека по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 08.05.2024 во 17.00 часот на улица ,,ЈНА“ во Гостивар, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода И.Б.(51) од скопско Студеничани, поради сомнение дека извршил кривично дело „измама“. Тој се сомничи дека измамил 34 – годишен гостиварец за сума од околу 1.500 евра. Според пријавеното, во јуни 2023 тој се договорил со оштетениот да му го поправи четирициклот, по што ги земал деловите за поправка и од него добил аванс. Меѓутоа, набргу потоа И.Б. престанал да комуницира со 34-годишникот и не ја завршил договорената работа, по што на 16.02.2024 бил пријавен во ОВР Гостивар. Лицето е задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде изготвен соодветен поднесок.

На 08.05.2024 во 13.00 часот во ОВР Неготино било пријавено дека во место викано „Црно поле“, атар на Неготино, Т.К.(62) од Неготино, додека извршувал земјоделски активности на нива со трактор, изгубил контрола и се превртел со тракторот. Т.К. бил пренесен во Итна медицинска помош, каде што лекар констатирал смрт. Известен бил јавен обвинител, а увид на местото извршила увидна екипа на ОВР Неготино.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против К.З.(63) од с.Церово, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „убиство во обид“, „предизвикување на општа опасност“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и против Х.А.(38) од с.Церово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 04.05.2024, по претходна расправија помеѓу пријавените, првопријавениот испукал три куршуми од автоматска пушка, по што бил физички нападнат од второпријавениот.

На 08.05.2024 во 18.35 часот во СВР Скопје, 30 - годишна жена пријавила дека во семејниот дом на подрачјето на Бит Пазар била физички нападната од нејзиниот сопруг О.Ѓ.(38) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Д.Ц.(52) од Делчево, директорка на средно училиште, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Пријавената, без да спроведе транспарентна постапка за набавка на стоки и услуги, извршила набавка од повеќе правни лица во вкупна вредност од 905.482 денари, а со Законот за јавни набавки е предвидено дека износот на извршени набавки без спроведена јавна набавка во текот на годината не смее да го надмине износот од 12.000 евра во денарска противвредност.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.М.(41) од Тетово и Ј.Б.(37) од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 08.02.2024, по претходна расправија, пријавените физички го нападнале А.Н.(54), а притоа употребиле и тврд предмет.

На 08.05.2024 во 23.20 часот во СВР Скопје, И.С.(44) од Скопје пријавила дека околу 20.30 часот на подрачјето на Гази Баба, прскајќи со вода, предупредила лица кои славеле пред нејзината зграда да ја намалат вревата, по што повеќе лица фрлиле со лименки кон неа и ја повредиле. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ј.Х.(56) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување на лиценца“. На 07.02.2024 полициски службеници извршиле контрола на патничко возило „фолксваген голф“, управувано од пријавениот, при што било констатирано дека вршел јавен превоз без да поседува соодветна лиценца. цр/

Фото: МИА архива