• Saturday, 25 January 2025

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 24 јануари 2025 (МИА) - Вчера во 10:40 часот, полициски службеници од СВР-Струмица - ОВР-Радовиш го лишиле од слобода О.Ф., 39-годишен радовишанец, кој бил баран со потерница поради бегство од Казнено - поправната установа „Затвор - Гевгелија“, каде издржувал затворска казна во траење од седум години и пет месеци за сторени кривични дела „разбојништво во обид“ и „тешка кражба“.

Тој имал за доиздржување една година и седум месеци. Лицето било спроведено во Казнено - поправната установа „Затвор - Гевгелија“ за доиздржување на казната.

Вчера во 14 часот во радовишкото село Прналија, полициски службеници од СВР-Струмица - ОВР-Радовиш го лишиле од слобода М.Е., 24-годишник од село Прналија, кој се сомничи дека на 22 јануари извршил обљуба врз малолетничка од валандовско село.

Лицето било задржано во полициска станица. За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство - Гевгелија. По документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

Вчера во 15:20 часот, полициски службеници од СВР-Струмица - ОВР-Гевгелија го лишиле од слобода В.С., 33-годишен гевгеличанец.

При преглед кај В.С. била пронајдена марихуана. За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство - Гевгелија. По документирање на случајот, против В.С. ќе биде поднесена соодветна пријава.

Вчера околу 15:10 часот било пријавено дека на автобуска постојка на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Н.Ј., 20-годишно лице од Струга и Н.И., на 20-годишна возраст од Скопје од една страна и двајца малолетници од село Јаболци, скопско, од друга страна.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок. 

Денеска во 1:40 часот во Скопје, полициски службеници го лишиле од слобода И.Б., 49-годишен скопјанец, по претходна пријава, дека пред ноќен клуб на подрачјето на општина Аеродром, физички нападнал полициски службеник, кој извршувал службени дејствија.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Вчера во 11:06 часот било пријавено дека на подрачјето на Карпош, настанал пожар во угостителски објект сопственост на Д.С., 44-годишно лице од Скопје, при што бил опожарен дел од кујната.

Повредени лица нема, а увид извршила екипа од СВР - Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 9:30 часот во ПС - Кочани, Б.А., 57-годишна кочанчанка, пријавила дека на 21 јануари во 2:30 часот, додека била во нејзината семејна куќа заедно со нејзините внуци, дошла Д.С.И. и физички ја нападнала, а исто така употребила и метален предмет.

Според пријавеното, Д.С.И. кршела и инвентар од куќата. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 17:15 часот, полициски службеници го лишија од слобода М.С., на 25-годишна возраст од Охрид.

При претрес, извршен по судска наредба, во куќа во Охрид, каде М.С. привремено престојувал, полициските службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога, пронајдоа и одзедоа марихуана. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Вчера во 18 часот во СВР - Тетово, Б.С., 48-годишник од село Голема Речица, пријавил дека во нивната семејна куќа го затекнал неговиот син Х.С., на возраст од 20 години, без знаци на живот.

Доктор од Итна медицинска помош констатирал смрт без траги од насилство. Увид на лице место извршила екипа при СВР - Тетово во содејство со јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било пренесено во Клиничка болница - Тетово за обдукција.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи - Гостивар поднесе кривична пријава против Н.М., 24-годишен гостиварец, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“.

На 1 јануари, пријавениот со закана со нож одзел мобилен телефон од А.З., 20-годишно лице од Гостивар.

СВР - Тетово поднесе кривична пријава против А.П. (19), С.П. (19), В.П. (25), тројцата од село Брвеница, тетовско и Б.Ѓ. (19) и Ф.Ј.(19), двајцата од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“.

На 20.10.2024 во Тетово, пријавените физички го нападнале А.Ѓ., нанесувајќи му повреда. бд/дма/

Фото: МИА архива