• Thursday, 17 October 2024

Мал протест на активисти за човекови права при пристигнувањето на мигрантите во Албанија

Мал протест на активисти за човекови права при пристигнувањето на мигрантите во Албанија

Тирана, 16 октомври 2024 (МИА) - Мал протест се одржал денеска во Албанија, каде пристигна првата група мигранти кoи ќе бидат сместени во прифатните центри финансирани и управувани од Италија според билатералниот договор за управување со миграциските текови.

„Европскиот сон завршува тука“, пишуваше на еден од плакатите кренати на протестот.

Брод на италијанската крајбрежна стража пристигна денеска во пристаништето Шнѓин со првата група од 16 мигранти, кои ќе бидат сместени во прифатните центри во Албанија - изградени, финансирани и управувани од Италија, според договорот потпишан меѓу двете влади во ноември 2023 година.

Тоа е прв таков договор во кој една земја на ЕУ ги пренасочува мигрантите во земја надвор од ЕУ во обид да се справи со зголемените миграциски текови. Италијанскиот премиер Џорџа Мелони оваа недела изјави дека Италија дава пример за остатокот од Европа преку албанската шема.

Првата група мигранти што ќе бидат прегледани според новиот договор меѓу Албанија и Италија вклучува 10 државјани на Бангладеш и шест Египќани кои беа спасени од чамци што пловеле од Либија. Тие ќе бидат прегледани во Шнѓин, а потоа ќе бидат однесени во вториот камп лоциран во Ѓадр, каде што ќе бидат сместени додека се обработуваат нивните документи. Тие потоа ќе бидат испратени во Италија - ако одговорот на нивното барање за азил е позитивен, или назад во нивните земји на потекло ако нивното барање биде одбиено.

„Овие имигранти кои презедоа долги и опасни патувања за да стигнат до Европа, сега се пренасочуваат во Албанија за да бидат вратени во нивните земји... За нас ова е крајот на концептот на Европа како место на демократија, вредности и човекови права“, рече албанската активистка за човекови права Арилда Леши за време на протестот  .

Објектите во Албанија ќе бидат екипирани од италијански персонал. Вкупниот број на мигранти сместени во Албанија во еден момент не може да биде повеќе од 3.000 лица, според договорот.

Италија соопшти дека само мажи од земји класифицирани како безбедни ќе бидат испратени во центрите во Албанија.

Во моментов на италијанската листа има 21 таква земја.

Минатата година, 56.588 мигранти пристигнаа во Италија од само четворица од нив – Бангладеш, Египет, Брегот на Слоновата Коска и Тунис. Повеќето од нив успеале да ги избегнат прифатните центри и се упатиле кон побогатата Северна Европа.

Според условите на договорот, во Албанија годишно можат да се испраќаат до 36.000 мигранти. вт/