• Tuesday, 16 December 2025

Макрон и Христодулидис потпишаа Договор за стратешко партнерство меѓу Франција и Кипар

Макрон и Христодулидис потпишаа Договор за стратешко партнерство меѓу Франција и Кипар

Париз, 15 декември 2025 (МИА) – Францускиот претседател Емануел Макрон и кипарскиот претседател Никос Христодулидис денеска во Париз потпишаа Договор за стратешко партнерство меѓу Франција и Кипар, објави весникот „Сајпрус меил“.

Францускиот претседател Емануел Макрон го оцени договорот како „важен чекор“ и му се заблагодари на својот кипарски колега за довербата укажана на неговата земја, притоа нагласувајќи дека Франција е единствената членка на Европската Унија со која Кипар има вакво стратешко партнерство.

- Договорот ја нагласува силата на нашите билатерални односи и нашата (на Франција) посветеност да бидеме присутни покрај вас (Кипар) во источниот Медитеран, изјави Макрон по средбата.

Францускиот претседател, исто така, напиша на својот профил на Икс, на француски и грчки јазик, дека со оглед на претстојното кипарско претседателство со Советот на ЕУ во првата половина на 2026 година, „Никозија може да смета на целосната поддршка на Франција за изградба на посилна, понезависна и поконкурентна Европа“.

Во исто време, Христодулидис изјави дека потпишувањето на договорот „отвора исклучително значајно поглавје“ во односите меѓу Никозија и Париз. - Со овој договор, ние ја изјавуваме нашата решителност да ја подигнеме нашата билатерална соработка на ново ниво преку структуриран механизам насочен кон резултати, рече тој.

- Во суштина, ова е јасна политичка изјава и опиплив израз на стратешкиот карактер на нашето партнерство, кое дефинира заедничка визија и конкретни приоритети за годините што доаѓаат, додаде Христодулидис.

Договорот предвидува зајакнување на соработката во клучните области како што се одбраната, економијата, културата, иновациите и образованието, истовремено целите се насочени кон обезбедување поблиска интеракција и подобра координација меѓу двете земји на европско и меѓународно ниво.

„Двете страни изразуваат длабока загриженост за агресивната војна на Русија против Украина, продлабочувањето на тензиите на Блискиот Исток и континуираната нестабилност во многу делови на Африка, притоа имајќи „слични интереси во промовирањето на стабилноста на Блискиот Исток од историски и геополитички причини“, се вели понатаму во договорот. ссм/

фото: ЕПА