• Wednesday, 08 January 2025

Македонците во Брисел го чествуваа Божик 

Македонците во Брисел го чествуваа Божик 

Брисел, 8 јануари 2025 (МИА) – Во „Капелата за Европа“ во Брисел синоќа беше одржана Божиќна литургија со која Македонците што живеат од Белгија го чествуваа христијанскиот празник Рождество Христово – Божик.   

Со Литургијата богослужеше отец Жарко Ѓоргиевски, кој е назначен од митрополитот на Европската епархија на МПЦ-ОА, Пимен за активности на Црквата во Белгија и негување на македонската традиција и достоинствено чествување на православните празници.  

Литургијата, која се одржа во организација на Македонската православна црковна општина „Св. Илија – Св. Архангел Михаил“ од Брисел, заврши со читање на Божиќното послание на поглаварот на МПЦ-ОП, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.  

Присутните верници имаа можност и да се причестат, а им беше поделена и осветена вода. 

По Литургијата, во просториите на Капелата беше организирана и коктел закуска на која беа делени и мали погачици и во една од нив се наоѓаше паричка, со што беше одбележана уште една божиќна традиција.  

Ова е втора година по ред како се одржува Божиќна литургија за Македонците во Брисел, по минатогодишната која беше организирана по пауза од четири години благодарение на ангажманот и залагањето на македонскиот амбасадор во Белгија, Методија Белевски. 

Инаку, во понеделникот на Бадник, отец Ѓоргиевски одржа литургија и за Македонците во Луксембург. сп/

Фото: МИА/Фејсбук