• Wednesday, 15 January 2025

Македонците во Албанија ја одбележаа Православната Нова година, најмасовно во село Леска

Македонците во Албанија ја одбележаа Православната Нова година, најмасовно во село Леска

Пустец, 14 јануари 2025 (МИА) - Македонците во Албанија го прославија празникот Свети Василиј Велики, со кој се означува почетокот на Новата година според јулијанскиот календар.

Во секое македонско семејство ширум Албанија, во Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Поградец… домаќинките подготуваат пита или како што ја нарекуваат мазник со паричка. Се верува дека на оној кому ќе му се падне, во текот на годината ќе му се случуваат убави нешта.

Во Мала Преспа, Голо Брдо, Врбник, синоќа се палеа василичарски огнови, се пиеше вино и топла ракија, се пееја песни.

Денеска, како и секој празник,  најмасовно беше во црквата „Свети Василиј“ во Општина Пустец, каде  со голема чест и духовна радост го одбележаа празникот која е патрон на овој божји храм.

Света Боженствена Литургија одржа отец Алексо Темелко, а по традиција и овој пат присуствуваше и Васил Стерјовски, претседател на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ.

-Овој празник е длабоко вкоренет во нашата македонска култура и традиција, и претставува можност за зближување, почитување на обичаите и пренесување на нашето духовно и културно наследство на новите генерации, рече за МИА, Стерјовски.

Во свое и име на партијата посака Стара Нова година да донесе здравје, среќа и благосостојба во домовите на сите Македонци каде и да се. 

-Нека ни биде и година на единство, успеси и напредок за сите нас, Македонците во Албанија, и нека продолжиме заедно да го чуваме и афирмираме нашиот македонски идентитет, рече тој откако запали свеќа за здравје.

Празникот го честиташе и Македонското друштво „Илинден"- Тирана и градоначалникот на Општина Пустец Пали Колефски, посакувајќи здравје, среќа и бериќет да донесе во секој дом. вт/дма/


Фото: Црковен одбор- Леска/ Општина Пустец