• Thursday, 09 April 2026

Македонски концепт со став за албанскиот јазик во Македонија

Македонски концепт со став за албанскиот јазик во Македонија

Скопје, 7 април 2026

Во врска со вчерашните протести поврзани со прашањето за употреба на албанскиот јазикот при полагање на правосуден испит и административни постапки, Претседателството на Македонски Концепт донесе јасен и непроменлив став: Секој кој живее и работи во Македонија, треба да го знае македонскиот јазик и да полага на македонски јазик. Исто како во секоја нормална држава, членка на ЕУ. Ни повеќе, ни помалку!, стои во соопштението од партијата што МИА го објавува интегрално.

Република Македонија има еден службен јазик на целата територија – македонскиот јазик. Тоа не е прашање на политичка волја, туку на државна функционалност, правна сигурност и еднакви правила за сите. И тоа не ја намалува вредноста, ниту употребата на останатите јазици на етничките заедници во земјава. Албанскиот јазик не може да биде „над-јазик“, со поголемо значење од останатите јазици на другите етнички заедници. Сите сме рамноправни граѓани на Републиката, а со тоа и нашите јазици, кои се средство за разбирање, а не за етничка хегемонија.

Ова не е насочено против никого, туку е нормален стандард во секоја сериозна држава – јазикот на државата е темел на институциите, образованието, јавната администрација и општествената кохезија.

Истовремено, ги повикуваме сите граѓани на смиреност и достоинство. Протестот е демократско право, но не смее да прерасне во притисок врз институциите да се откажат од принципите на државност и од еднаквоста на правилата.

Македонски Концепт ќе се спротивстави на секој обид Македонија да се претвори во држава со паралелни системи и стандарди. Државата мора да функционира по јасни и исти правила за сите – без исклучоци, без двојни аршини и без наметнување.

Македонскиот јазик е обврска во јавниот систем. Тоа е услов за интеграција, а не тема за уцена.

Фото: лого Македонски Концепт