Македонски активисти ги стоплија срцата на децата во Туминец, Мала Преспа, доделувајќи им новогодишни пакетчиња
- Македонски активисти денеска реализираа последователна хумантарна акција, овој пат, наменета за децата од село Туминец, општина Пустец, доделувајќи им новогодишни пакетчиња, што предизвика радост кај најмладите.
Дебар, 29 декември 2024 (МИА) – Македонски активисти денеска реализираа последователна хумантарна акција, овој пат, наменета за децата од село Туминец, општина Пустец, доделувајќи им новогодишни пакетчиња, што предизвика радост кај најмладите.
-По вчерашната акција реализирана во селото Требиште, област Голо Брдо, каде на македончињата им доделивме новогодишни пакетчиња, со поддршка на компанијата „Витаминка“ од Прилеп, денеска ги стопливме срцата на најмладите во Туминец, општина Пустец, со поддршка на компанијата „Тинекс“. Ја исполнивме нашата заедничка цел – да внесеме радост и насмевки кај најмладите за време на празниците, информираше Едмонд Темелко, поранешен градоначалник на општина Пустец и голем поборник за правата на Македонците.
Додава дека акциите ги организирале заедно со македонската активистка Елена Симоновски, од Тирана и професорот Ефтим Ставре, од село Туминец.
-Радоста, искрената благодарност и среќа на децата не може да се опише. За поддршката искажуваме оскрена благодарност до компанијата TINEX, која со својата поддршка помогна оваа акција да стане реалност, посочува Темелко.
Претходно најмалите од детските градинки во Горица и Пустец, како и ученици од неколку одделенија од одделенска настава, беа израдувани со новогодишни пакетчиња обезбедни од познатиот активист за правата на Македонците, Панди Јани, во соработка со градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков. вт/ев/
ФОТО: Едмонд Темелко Фејсбук