• Sunday, 29 December 2024

Македонски активисти ги израдуваа децата од Голо Брдо со новогодишни пакетчиња

Македонски активисти ги израдуваа децата од Голо Брдо со новогодишни пакетчиња

Дебар, 28 декември 2024 (МИА) - Поранешниот градоначалник на општина Пустец и голем поборник за правата на Македонците, Едмонд Темелко, заедно со македонските активисти, Елена Симоновски од Тирана и Бесник Хасани од Голо Брдо, денеска го посетија Требиште, најголемо село во областа и ги израдуваа најмладите со новогодишни пакетчиња.

Темелко не го крие задоволството од, како што вели, реализираната заедничка цел – да внесеме радост и насмевки кај најмладите Македончиња за време на празниците.

-Посетата имаше за цел да ги израдуваме нашите дечиња пред новогодишните празници. Во топла и срдечна атмосфера, децата добија пакетчиња кои внесеа многу среќа во нивните срца. На радоста на децата и немаше крај, а нивната насмевка за нас беше најголемиот поттик да продолжиме со вакви и слични активности, со кои Македонците во оваа област ќе почувствуваат дека не се заборавени, рече за МИА, Темелко.

Додаде дека тоа го реализирале со поддршка на компанијата „Витаминка“ од Прилеп, чие раководство без двоумење им излегло во пресрет на нивното барање, за што искажуваат голема благодарност.

-Искрена благодарност упатуваме до „Витаминка“ – Прилеп, која со својата поддршка помогна оваа акција да стане реалност. Заедно покажавме дека заедницата и солидарноста можат да направат чуда, посочи Темелко.

Тој најави дека во текот на утрешниот ден ќе престојуваат во општина Пустец, каде на децата ќе доделат новогодишни пакетчиња. вт/вј/

Фото:Едмонд Темелко