• Thursday, 09 October 2025
English
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Приведени возачи од тетовско, Куманово и Валандово поради „безобѕирно управување на моторно возило“

Приведени возачи од тетовско, Куманово и Валандово поради „безобѕирно управување на моторно возило“

Скопје, 3 август 2025 (МИА) - Полициски службеници лишиле од слобода возачи од тетовско, Куманово и Валандово поради „безобѕирно управување на моторно возило“.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, утрово во 05:30 часот во с.Долно Палчиште, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово го лишиле од слобода С.И.(67) од с.Камењане, затоа што при радарска контрола било утврдено дека управувал патничко возило „мерцедес", со тетовски регистерски таблици, со брзина од 101 километри на час на место каде максимално дозволена брзина е 50 километри на час. Посочуваат дека по целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од КЗ „безобѕирно управување со моторно возило“.

Утрово во 03:32 часот во  Куманово, полициски службеници го лишија од слобода М.С.(34) од Куманово кој возел под дејство на алкохол, односно имал 1.61 промили алкохол во крвта. Исто така околу 03:00 часот на улицата „Ѓорче Петров" во Куманово бил лишен од слобода и З.С. (53), кој управувал мотоцикл „кимко" и му биле измерени 2.17 промили алкохол во крвта.

Утрово во 00:15 часот на булеварот „Туристичка“ во Охрид, полициски службеници од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид од слобода го лишија К.П.(37) од Валандово кој возел под дејство на алкохол, односно биле утврдени 1,83 промили алкохол во крвта. 

Исто така, синоќа во 20:00 часот во ПС Делчево од Итна медицинска помош Делчево било пријавено дека за укажување на лекарска помош било донесено лице кое паднало од мотор во село Бигла.

-Постапувајќи по пријавата, полициски службеници од ПО за БПС Делчево констатирале дека се работи за лицето Н.Ѓ. (45), кај кого се утврдени 2,51 промили алкохол во крвта. Известен е јавен обвинител од ОЈО Делчево, по чии насоки против Н.Ѓ. ќе биде поднесена пријава по чл.297-а од КЗ „безобѕирно управување со моторно возило“, посочуваат од МВР. фф/бак/

Фото: МИА Архива