• Friday, 08 November 2024

Косовскиот премиер вели дека ако Русија победи во Украина ќе го загрози 25-годишниот мир на Балканот

Косовскиот премиер вели дека ако Русија победи во Украина ќе го загрози 25-годишниот мир на Балканот

Варшава, 3 октомври 2024 (МИА) - Косовскиот премиер изјави дека балканскиот регион ужива најголем степен на мир, слобода и демократија во изминатите 25 години, но дека тоа би можело да се смени ако Русија победи во Украина и ја охрабри српската експанзија.

Според него, важно е Западот да застане обединет во поддршка на Украина додека таа се брани од руската агресија.

Вашингтон пост објави на својата веб-страница делови од негово интервју за Асошиејтед прес, во кое Курти тврди дека силна Русија ќе ја охрабри Србија - и дека не само Косово, туку и Босна, Црна Гора и „можеби Северна Македонија“ ќе бидат загрозени од, како што нагласи, српските експанзионистички амбиции.

Односите меѓу Косово и Србија остануваат напнати, а 13-годишните разговори за нормализација што ги олеснува Европската унија не постигнаа напредок, особено по престрелката во септември минатата година меѓу маскирани српски вооружени лица и косовската полиција, во која загинаа четири лица.

„Овие 25 години во овој век се со највисок степен на мир, слобода и демократија на Балканот“, рече Курти.

Тој зборуваше во дипломатската мисија на Косово во Варшава, полскиот главен град. Мисијата беше отворена откако Полска и Косово воспоставија конзуларни односи во 2022 година.

На прашањето што би значело за Косово и за Балканот пошироко доколку Русија победи во Украина, Курти рече „со оглед на тоа што Србија е регионален хегемон и руски застапник, овие 25 години мир, слобода и демократија на Балканот, без преседан во нашата историја, повторно се изложени на ризик“. зш/