• Thursday, 26 December 2024

Косово: Последен ден за регистрација на гласачи од дијаспората

Косово: Последен ден за регистрација на гласачи од дијаспората

Приштина, 26 декември 2024 (МИА) - Рокот за пријавување на гласачите надвор од Косово за гласање на парламентарните избори на 9 февруари истекува денеска.

Централната изборна комисија ги повика сите косовски граѓани кои живеат во странство да го остварат своето уставно право да станат дел од изборниот процес во Косово – прво со пријавување како гласачи надвор од Косово, а подоцна и со гласање.

Периодот за изборна кампања за политичките партии и кандидатите кои имаат уверение за учество на изборите официјално започнува на 11 јануари 2025 година.

Портпаролот на ЦИК, Ваљмир Ељези, за RTKlive изјави дека, според податоците, од 29 август до 25 декември во 13:30 часот, по пријавувањето преку електронската платформа http://diaspora.kqz-ks.org, одобрени се 75.211 барања за регистрација, додека 4.581 се одбиени. - Во поголемиот дел од одбиените случаи, апликантите не се фотографирале додека истовремено држат документ за идентификација. ЦИК ги известува одбиените апликанти поединечно за причините за одбивањето на нивното барање, како и за можноста за повторно поднесување на барањето за регистрација, заедно со приложување на потребната документација за исполнување на барањето согласно упатството на ЦИК -а, рече тој.

Според него, од 75.211 одобрени апликации, 16.876 државјани на Косово се пријавиле за физичко гласање во дипломатските претставништва, 11.769 пријавени за испраќање пакет со гласачко ливче до ЦИК на Косово, а 46.566 пријавени за испраќање пакет со гласачко ливче во пошта надвор од Косово.

Граѓаните ќе избираат 120 пратеници за нов состав на косовското Собрание.

Ова ќе бидат први редовни парламентарни избори во Косово од неговото прогласување независност во 2008 година. ссм/

фото: архива