• Wednesday, 04 March 2026

Концерт на Калиопи во октомври во Скопје

Концерт на Калиопи во октомври во Скопје

Скопје, 3 март 2026 (МИА) - По целосно распродадената Арена „Борис Трајковски“ во 2024 година и четирите последователно распродадени концерти во 2025 година во „Македонска филхармонија“, на 17 октомври, повторно во спортската арена, Калиопи ќе одржи уште еден солистички концерт.

„Македонската музичка сцена добива настан кој уште сега се позиционира како еден од клучните концертни моменти во 2026 година. Интересот за нејзините настапи повторно расте со интензитет што ретко се гледа на домашната сцена. Овие бројки не се случајност, туку потврда за довербата што публиката ѝ ја дава со години. 17 октомври 2026 не е само концертен датум. Тоа е вечер во која Скопје повторно ќе му аплаудира на гласот што со децении поставува стандарди во македонската музика. Токму затоа концертот на 17 октомври, се најавува како логично продолжение на тој успех но и како нов, амбициозен продукциски чекор напред“, соопшти организаторот.

Со кариера којашто трае повеќе децении, се наведува, Калиопи претставува редок пример на уметник кој успева да ја задржи својата автентичност, а притоа континуирано да се развива.

„Ако 2024 година беше триумф, а 2025 интимна музичка доминација во филхармониски амбиент, 2026 ветува аренско доживување во полн сјај. Препознатлива по својата сценска моќ, силна емоција и вокал што не остава никого рамнодушен, Калиопи ќе донесе вечер исполнета со безвременски хитови, нови музички изненадувања и продукција на високо ниво“, се додава.

Организаторот најавува внимателно осмислена сценографија, светлосно-визуелен концепт прилагоден за аренско доживување, како и музичка продукција што ќе ја нагласи „моќта на живиот инструментал и вокалната доминација“ по којашто Калиопи е препознатлива.

Влезниците се веќе во продажба преку „Купи карта“, „Розе Веро 2“, „ЈК травел“ во „Бисер“ и „ЈК травел Дајмонд“.  си/са/

Фото: Ева Јакимовска