• Thursday, 30 January 2025

Колев: Наредните два - три дена ќе се одлучи дали мостот на Вардар кај Башино Село ќе биде привремено пуштен за сообраќај по една лента 

Колев: Наредните два - три дена ќе се одлучи дали мостот на Вардар кај Башино Село ќе биде привремено пуштен за сообраќај по една лента 

Велес, 29 јануари 2025 (МИА) - Има голема можност за два до три дена мостот на Вардар кај Башино Село на влезот од Велес повторно да се пушти за сообраќај само во средината на мостот со поставување граничници, каде се средните столбови на мостот кои се неоштетени. Сообраќајот од едната и другата страна на мостот ќе се регулира со семафори, а брзината за движење на возилата ќе биде ограничена на 30 километри на час. Ваквото привремено решение е со цел да се растерети соораќајот на градот, додека се реконструиран мостот, а во очекување на избор на фирмата која Јавното претпријатие  за државни патишта деновиве треба да ја одбере за изведувач на работите на мостот, информира градоначалникот Марко Колев на денешната 60-та седница на Советот на Општина Велес, одговорајќи на советничко прашање.

Тој појасни дека во наредните два-три дена за тоа треба да одлучат стручњаците од Градежниот Факултет од Скопје заедно со претставници од  ЈПДП, а по утрешните последни испитувања на мостот, кога ќе се изврши испитување со специјално возило ќе се види поединечно состојбата на секој од 50-тината столбови на мостот.

Колев појасни дека на мостот ќе биде поставена и специјална мониторинг опрема набавена од Словенија, со која ќе се врши 24 часовен мониторинг на мостот, односно на возилата кои сообраќаат по него.

Воедно, појасни дека со ваквото привремено решение за сообраќај во средината на мостот нема да се попречат градежните работи кои ќе се одвиваат воглавно под мостот, на зајакнување на главните и странични столбови.

Градоначалникот Колев информира дека санацијата на мостот кај Башино Село ќе чини 320 илјади евра.

-Од досегашниот мониторинг на мостот имаме добри резултати. Ќе направиме се и ние од Општината и стручњаците од Градежниот факултет и од ЈПДП, повторно времено да се оспособи сообраќајот на мостот, а паралено да се одвива и реконструкцијата на мостот, затоа што работата на столбовите не влијае дали горе ќе има сообраќај. Правиме се макар и еден процент да го олесниме животот на граѓаните, потенцира Колев.

Воедно потсети дека  покрај оваа времено решение за санација на мостот, Владата работи на трајно решение, а тоа е изградба на Нов мост на Вардар на 50 - тина метри подолу од постоечкиот во Речани, за што веќе била одбрана и фирма проектант на Новиот мост на Вардар кај Велес.

Премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Велес на 4 јануари годинава кога мостот беше запрен за сообраќај им вети на велешани  дека по завршување на сите процедури,со поддршка на Владата  кон средината на годинава ќе започне изградбата на Нов мост на Вардар на влезот во Велес. ад/дма/

Фото: МИА

 

You May Also Like