Козарев: Економијата и деловното работење не можат да бидат надвор од концептот на корпоративната безбедност
- Економијата и деловното работење на Северна Македонија не можат да бидат надвор од концептот на корпоративната безбедност, бидејќи се наметнува потребата од корпоративната свест и култура, изјави претседателот на Асоцијацијата за корпоративна безбедност, Атанас Козарев.
Скопје, 20 октомври 2023 (МИА) - Економијата и деловното работење на Северна Македонија не можат да бидат надвор од концептот на корпоративната безбедност, бидејќи се наметнува потребата од корпоративната свест и култура, изјави претседателот на Асоцијацијата за корпоративна безбедност, Атанас Козарев.
На 10. Јубилејна меѓународна конференција на АКБ, „Корпоративната безбедност - столб на безбедноста на деловниот свет“, Козарев истакна дека потребата од развивање на концептот за корпоративна безбедност се покажа како неминовна и круцијална при секојдневните предизвици на современите компании.
Драган Триван, претседател на Асоцијација за корпоративна безбедност на Југоисточна Европа, кои се, исто така, организатори на конференцијата, посочи дека живееме во најсложени времиња и затоа треба да го препознаеме значењето на корпоративната безбедност.
-Сметам дека е исклучително важно да се обрне внимание на луѓето кои што ја штитат корпоративната безбедност и се грижат за нејзините системи и инфраструктура, посочи Триван.
Според деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Боро Јакимовски, новиот Закон за безбедност на мрежи е многу важен во воспоставувањето на правната рамка и институционалните капацитети за справување со ризиците од сајбер безбедноста.
-Овој закон ќе го подигне нивото на координација на активностите поврзани со сајбер безбедноста, рече тој.
Директорот на Управаta за матични книги, Емир Сулејмани, на настанот ја истакна важноста од сајбер заштитата и посочи дека денешните предавања ќе се од огромна корист.
Денис Чалета, претседател на Институтот за корпоративни и безбедносни студии - Словенија, истакна дека новите знаења и размената на практики од оваа конференција се исклучително важни за понатамошната работа.
Директор на полицијата во Црна Гора, Никола Терзиќ, споделувајќи дека живееме во време со две најголеми војни, повика на мир во цел свет.
-Мислам дека е наша обврска да не завземаме страна, ниту едни, ниту други, туку само од тука да повикаме на мир во цел свет, рече тој.
Професорката Весна Димитрова од ФИНКИ информираше за проектот CyberMACS, кој што се однесува на магистерски студии за сајбер безбедност.
Асоцијацијата за корпоративна безбедност - Скопје денеска додели и награди за компании, општини и физички лица кои имаат посебен придонес за развојот на концептот на корпоративна безбедност на национално и локално ниво.
Помеѓу наградените беа АртгласСторе ДОО Скопје, Божиновски, Вера Велинов - успешна жена лидер во корпоративното управување и М КЕШ - најдобра компанија за имплементација на мерки од областа на корпоративната безбедност и заштита на личните податоци. ар/ев/
ФОТО: МИА