• Sunday, 28 July 2024

„Кога ќе се разбуди заспиеното" прва самостојна изложба на паланчанката Верче Цветановска 

„Кога ќе се разбуди заспиеното

Крива Паланка, 25 јули 2024 (МИА) - Во галерискиот простор на Националната установа Центар за култура Крива Паланка вчера беше отворена првата самостојна изложба на паланчанката Верче Цветановска, креативна експресија на енергијата пренесена на сликарско платно со акрилни бои во хиперреалистичен правец.

Вкупно 34 дела од извонредно талентираната Цветановска, сликар-наивец, се дел од првото претставување на нејзиното творештво пред јавноста. Изложбата е насловена „Кога ќе се разбуди заспиеното". Цветановска слика долги години, ќе рече „за своја душа".

-Сликам од одамна, за своја душа, создавам дела наоѓајќи едно сигурно и креативно прибежиште од брзото темпо на живот и стресот. Како сликар-наивец го негувам стилски хиперреализмот, кој подразбира сликање детални реалистични работи на големи платна. Работам со акрилни бои и низ деталите од сликите успевам да ја канализирам енергијата од секојдневните рутини во своевидна медитација низ креација. Творам повремено, бидејќи работам, имам и семејни обврски, но се трудам тој творечки занес да го одржувам во континуитет бидејќи стремам кон усовршување на овој правец во кој дефинитивно се пронајдов успешно, рече Цветановска.

Таа потенцира дека четката и платното се нејзино прибежиште од брзото темпо на живеење, а низ сликарските детали успева да ја канализира енергијата од секојдневните рутини во своевидна медитација низ креација.

-Животот ви ја крши душата, а уметноста ве потсетува дека ја имате. Така и нашата Верче, преку своите дела ја претставува својата креативна душа, рече нејзината пријателка и промотор, Ѓорѓика Насевска.

Настанот е дел од „Кривопаланечко културно лето 2024" и манифестација „Крива Паланка - Град на културата". ид/дма/

Фото:МИА