Кипар назначи специјална претставничка за верски слободи и заштита на малцинствата на Блискиот Исток
- Кипарскиот претседател Никос Христодулидис назначи специјална претставничка на Република Кипар за верски слободи и заштита на малцинствата на Блискиот Исток, која, според владиниот портпарол Константинос Летибиотис, „ќе работи на заштита на христијанските и другите малцинства преку дијалог со државите од регионот за зајакнување на нивните права и промовирање одржливи решенија за предизвиците со кои се соочуваат“, јави дописничката на МИА од Атина.
Никозија, 23 декември 2024 (МИА) – Кипарскиот претседател Никос Христодулидис назначи специјална претставничка на Република Кипар за верски слободи и заштита на малцинствата на Блискиот Исток, која, според владиниот портпарол Константинос Летибиотис, „ќе работи на заштита на христијанските и другите малцинства преку дијалог со државите од регионот за зајакнување на нивните права и промовирање одржливи решенија за предизвиците со кои се соочуваат“, јави дописничката на МИА од Атина.
Летибиотис во писмената изјава информираше дека за специјална претставничка е назначена Тесалија Салина Сиабу, која има „докажани дипломатски способности и искуство“, а нејзината улога „ќе помогне и во напорите на Европската унија за поддршка на верските групи во регионот“.
Сиабу, според портпаролот на кипарската Влада, ќе промовира мултилатерален дијалог и меѓурелигиски состаноци за да се зајакне вклучувањето на малцинствата во политичките процеси во регионот, а клучен приоритет ќе биде и заштитата на културното наследство.
- Дополнително, специјалната претставничка ќе ја истакне дипломатската улога на Република Кипар како мост меѓу ЕУ и Блискиот Исток, искористувајќи ја нејзината географска, културна и историска положба, а истовремено ќе ги зајакне европските напори за промовирање мир, толеранција и одржлив развој. Со назначувањето на г-ѓа Тесалија Салина Сиабу, Република Кипар ја потврдува својата посветеност за поддршка на верските заедници на Блискиот Исток, промовирање на регионалната стабилност и истакнување на богатството на културното и верското наследство на регионот, соопшти Летибиотис. ср/паг/