Исплатени по 5.000 денари на запишани првачиња и средношколци во Берово
- Општина Берово исплати по 5.000 денари финансиска поддршка на родителите на учениците кои годинава се запишаа во прво одделение и прва година средно образование. Средствата денеска се префрлени на нивните сметки како дел од Програмата за образование за 2025 година.

Берово, 15 јули 2025 (МИА) – Општина Берово исплати по 5.000 денари финансиска поддршка на родителите на учениците кои годинава се запишаа во прво одделение и прва година средно образование. Средствата денеска се префрлени на нивните сметки како дел од Програмата за образование за 2025 година.
Целта на оваа мерка, како што соопшти градоначалникот на општината Звонко Пекевски, е да се помогне семејниот буџет и навремено да се обезбедат потребни средства за стартот на учебната година.
– Се надевам дека исплатените средства ќе бидат добредојдени во претстојниот период, за родителите полесно да се справат со своите трошоци. Во нашите приоритети и понатаму останува подобрувањето на условите за учење за учениците, како и враќање на парите назад кај граѓаните, изјави Пекевски.
По 5.000 денари добија вкупно 77 ученици запишани во прва година во ОСУ „Ацо Русковски“ и 47 првачиња од двете основни училишта во Берово и селото Русиново. За реализација на оваа активност, од општинскиот буџет се издвоени 385.000 денари за средношколците и 235.000 денари за првачињата.
Општина Берово најавува дека и во иднина ќе продолжи со слични мерки за поддршка на младите и нивните семејства. вс/хс/
Фото: Општина Берово