• Wednesday, 13 November 2024

Иранскиот потпретседател Ареф го покани саудискиот престолонаследник Бин Салман да го посети Техеран

Иранскиот потпретседател Ареф го покани саудискиот престолонаследник Бин Салман да го посети Техеран

Техеран, 12 ноември 2024 (МИА) - Првиот потпретседател на Иран, Мухамед Реза Ареф го покани саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман да го посети Техеран, велејќи дека новиот пат што се отвори за развој на односите меѓу Техеран и Ријад е „неповратен“, објави иранска новинска агенција.

Ареф ова го изјави за време на разговорот со саудискиот престолонаследник на маргините на вонредниот самит на Организацијата за исламска соработка и Арапската лига.

„Нема сомнеж дека придобивките од ова продлабочување на односите ќе ги опфатат не само Иран и Саудиска Арабија, туку секако, со оглед на карактеристиките и влијанието на двете големи земји врз регионот и исламскиот свет, тоа ќе доведе до развој на регионалната соработка и солидарноста меѓу исламските народи“, рече Ареф.

Ареф изрази надеж дека добрите политички односи ќе бидат проследени со проширување на полето на економијата, културата, науката и технологијата.

„Убеден сум дека одржувањето на оваа средба на високо ниво ќе даде сериозен поттик на односите меѓу двете земји, бидејќи Иран и Саудиска Арабија, како две влијателни членки на Организацијата за исламска соработка, играат важна улога во решавањето на проблемите на исламските народи, особено за прашањата на Палестина и Либан“, додаде Ареф.

Мохамед бин Салман од своја страна високо ги оцени позициите на иранскиот потпретседател и му се заблагодари на иранскиот министер за надворешни работи за неговите напори за време на преговорите со неговиот саудиски колега. рп/

Фото: ЕПА