• Friday, 31 January 2025

Институт за социологија: Предложената концепција го редуцира социолошкото образование

Институт за социологија: Предложената концепција го редуцира социолошкото образование

Институт за социологија
Филозофски факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј

 

МИСЛЕЊЕ, ЗАБЕЛЕШКИ И ПРЕДЛОЗИ
по нацрт Концепцијата за реформи во гимназиското образование

ВОВЕД
Нацрт Концепцијата за реформи во гимназиското образование е изработена од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието. Изготвувачите објавија јавен повик за доставување мислења, забелешки и предлози. Институтот за социологија како заинтересирана и стручна институција со своето мислење се вклучува во јавната дискусија со цел подобрување на нацрт Концепцијата со подолу изнесеното мислење, забелешки и предлози.

I. МИСЛЕЊЕ
Членовите на Институтот за социологија ги споделуваат оценките и мислењата изнесени во нацрт Концепцијата околу потребата од сеопфатна реформа на гимназиското образование. Актуелната концепција за гимназиско образование (стара веќе 25 години) изискува промени во насока на нејзино осовременување во повеќе нејзини општи елементи (наставниот план, предметните програми, наставните методи, оценувањето, поддршката на наставниот кадар, усогласувањето со меѓународните стандарди и други).

Од нашата стручна перспектива, во оваа прилика ја нагласуваме потребата од осовременување на местото и улогата на социолошкото образование во остварувањето на општествените и хуманистичките содржини и мисијата на гимназиското образование.

Општеството како предмет на проучување на социологијата и на подоучување на социолошките науки е динамичен систем, особено во услови на општествена транзиција. Во изминатите години по сопствено наоѓање, но и како реакција на одредени јавни критики во однос на учебничката обработката на некои општествено релевантни социолошки теми, Институтот укажуваше на потребата од осовременување на социолошките предмети, содржини и учебници застапени во гимназиското образование. Но, не добивме никаква институционална поддршка од надлежните образовни власти. Освен тоа, повеќе години, во
Бирото за развој на образованието нема советник по социологија и граѓанско образование!

Спротивно на ова, држави со кои споделувавме слични историски и цивилизациски предизвици како, на пример, Словенија (https://eportal.mss.edus.si), Хрватска (https://mzom.gov.hr ), Црна Гора (https://eurydice.eacea.ec.europa.eu/me/national-educationsystems/montenegro) и други усвоија нови концепции за гимназиското образовани. Во нивните нови наставни планови социологијата е застапена како во групата на задолжителни предмети (во 2 и/или 3 година) така и во групата на изборни предмети (во 3 и/или 4 година). Во основа, овие нови концепции и наставни планови за гимназиското образование во споменатите земји внесоа модел на социолошко образование кој е присутен во постојниот македонски концепт за гимназиското образование кај нас.

Оттука, нашата изненаденост! Наместо да го осовременува и надоградува постојниот модел на социолошко и хуманистичко образование во гимназиите, нацрт Концепцијата истиот го редуцира и го враќа како во времето на почетокот на осумдесеттите години кога социологијата во средните училишта и факултетите беше заменет со предметот марксизам и самоуправување! Во оваа насока ги даваме следните забелешки.

II. ЗАБЕЛЕШКИ
Нацрт концепцијата има сериозни концептуални слабости од кои произлегуваат и проблемите со моделот на социолошкото образование во неа. Како најголема слабост го истакнуваме негаторскиот став кон општествените и хуманистичките знаења, науки и дисциплини воопшто. Тоа е експлицитно искажано во вториот пасус на страна 12 од Концепцијата. Таму стои дека „Социјалните аспекти на развојот на учениците се поттикнуваат преку групни проекти, дебати и воннаставни активности...“ Значи не преку изучување на науки, предмети и дисциплини од различните општествени и хуманистички области како што тоа се прави во однос на знаењата од областите на природните науки, математиката, јазиците и уметностите“. Уште повеќе, развивањето на критичкото размислување кое секогаш било главна образовна задача и предизвик токму на општествените и хуманистичките науки вклучувајќи ја и социологијата, нацрт концепцијата им го припишува на природните науки и математиката!

Поаѓајќи од ваква погрешна претпоставка, нацрт концепцијата на три начини ја девалвира социологијата како наука и како наставен предмет.

А) Од задолжителен предмет во важечката концепција, нацрт Концепцијата предвидува целосно истиснување на социологијата од задолжителното образовно јадро во гимназиите.

На местото на социологијата во 2 година како задолжителен предмет се воведува предметот психологија! Тоа значи дека Концепцијата ја прифаќа како основана тезата дека денес веќе нема општество, нема нација, нема култура туку само изолирани единки – мажи, жени или трето?!

Како социолози, свесни сме дека во ова крајно индивидуализирано и егоистично општествено опкружување младите се соочуваат со силни стресови и лични предизвици. Но, без социолошко поврзување на таквите искуства со општествените сили и процеси индивидуалните трауми ќе се зголемуваат и ќе кулминираат во уште поголеми изливи на фрустрации, нецивилизираност, вандализам и други антиопштествени поведенија од различен тип. Затоа цениме дека задржувањето и зајакнувањето на местото на социологијата како задолжителен предмет е од суштинско значење за личниот развој и општествената интеграција како главни цели на гимназиското образование.

Б) Второто деградирање се состои во тоа што како поважен и порелевантен од социологијата како задолжителен се воведува предметот граѓанско образование!

Ова решение потсетува на минатите политики за замена на социологијата со марксизам и самоуправување или, уште порано, со историски материјализам! Се прашуваме дали на социологијата и се повторува историјата - образовните власти да ја третираат како буржоаска, граѓанска наука и како таква идеолошки неподобна за изготвувачите на нацрт концепцијата? Се чини дека ваквиот однос на изготвувачите е израз и продолжение на идеите на круговите од нашето општество кои пред некоја година јавно спалуваа примероци од учебник по социологија поради етнички преокупации, покренуваа судски постапки против автори заради несогласување со содржини во врска со полово-родовата тематика или изложуваа на јавна стигма содржини поврзани со класните нееднаквости во општеството.

Б) Третото подривање на статусот на социологијата во нацрт наставниот план за гимназиско образование е направено со номинално категоризирање на социологијата во групата „изборни предмети на почетно изучување“ (стр. 24).

Во оваа категорија се вклучени уште предметите Латински јазик и класична литература, Филозофија, Право, Економија и бизнис, Програмирање и Образование за животна средина од кои учениците би избрале два кои би ги изучувале континуирано во двете последни години. Ваквото третирање на социологијата и на целата оваа категорија предмети е уште еден доказ дека изготвувачите на нацрт Концепцијата ги девалвираат општествените и хуманистичките науки, а ги фаворизираат природните науки. Единствена хуманистичка наука на која и е даден еднаков третман како на природните науки е историјата (како и природните науки историјата е поставена како задолжителен предмет во 1 и 2 година
со 2 часа и како изборен предмет за продлабочено изучување со 4 часа неделно во 3 и 4 година).

Цениме дека ваквото третирање на социологијата во нацрт концепцијата не само што е спротивно на концепциите за гимназиско образование во другите земји со кои Македонија споделува слични историски и цивилизациски предизвици (Словенија, Хрватска, Црна Гора) туку противречи на остварувањето на некои од клучните цели и начела декларирани со самата нацрт Концепцијата.

Имено, Концепцијата како клучни начела на гимназиското образование ги поставува „целосен личен развој, градење на индивидуалниот и колективниот идентитет, одговорност кон општеството и справување со современите глобални предизвици“ (стр. 11). Токму овие начела просто ја повикуваат на помош социологијата. Наместо тоа, Концепцијата ја истиснува од актуелниот наставен план за гимназиското образование!

Укажуваме дека ова решение ќе предизвика загрозување на статусот не само на постојниот наставен кадар туку и на иднината на социологијата кај нас, а со тоа и подривање на еден од темелите на нашата општествена и национална самосвест.

Истото важи и за остварувањето на целите на гимназиското образовани. Според Концепцијата, такви цели се: подготовка на учениците за продолжување во високото образование, развивање на комуникациските вештини, развој на критичкото размислување (а тоа не е можно без развивање на социолошката имагинација), поттикнување на самодоверба, свесност за индивидуалноста и одговорност за сопствените постапки (не се можни без нивно поврзување со општествените процеси и јавните политики) градење на национален, етнички и културен идентитет (како тоа може да се оствари без социолошките концепти, теории и знаења за нацијата, етничката заедница и културата како општествени појави?), свеста за климатските промени и одржливиот развој (не се можни без социолошките знаења за движечките сили на модернизацијата и глобализацијата).

III. ПРЕДЛОЗИ
Покрај потпирање на законски утврдените цели и задачи на средното образование, Концепцијата за гимназиското образование треба да се води и од начелото за еднаква вредност и релевантност на природните и општествените и хуманистичките науки за личниот развој на единките и за градење на нивниот колективен идентитет и општествена одговорност.

Во таа насока, Институтот за социологија при Филозофскиот факултет предлага социологијата и другите општествени и хуманистички знаења и науки да бидат третирани на ист начин како природните науки. Тоа значи, предлагаме:
                           1. Внесување на социологијата во групата задолжителни предмети во 1 и/или 2 година со ист или сличен фонд на часови како и другите задолжителни предмети (значи социологија наместо граѓанско образование во 1 година
                 2. Внесување на некои од посебните социологии како (социологија на културата, на граѓанственоста на глобализацијата, на религијата, на младината на масмедиумите и социјалните медиуми, на пример, како во Хрватска и Словенија) во групата на изборни предмети за продлабочено изучување (во 3 и 4 година).

Овие предлози се потпираат врз докажаните сознанија дека соочени со проблеми во конституирањето и интегрирањето на општеството и нацијата властите во денес напреднатите општества (Франција, Британија, Германија и други) ја ставија во функција токму социологијата. Тоа во новите концепции за гимназиското образование го направија Словенија, Хрватска, Црна Гора и други. На македонското општество во целина, а на македонската младина посебно им е потребна повеќе социјализација, повеќе опшетствена и национална интеграција, а помалку атомизација и митологизација. Најголем придонес кон тоа, може да даде социологијата, заедно со филозофијата и историјата како задолжителни и како изборни предмети во гимназиското образование.

Убедени сме дека назначените аргументи се доволно убедливи, но остануваме отворени за дополнителни образложувања и проширувања на истите.

Скопје

27.01.2025                                                                                                      ИНСТИТУТ ЗА СОЦИОЛОГИЈА
  

Проф. д-р Ило Трајковски, раководител,

с.р.Проф. д-р Зоран Матевски, с.р.
Проф. д-р Милева Ѓуровска, с.р.
Проф. д-р Антоанела Петковска, с.р.
Проф. д-р Весна Димитриевска, с.р.
Проф. д-р Аница Драговиќ, с.р.
Проф. д-р Константин Миноски, с.р.
Проф. д-р Татијана Иванова Стојановска, с.р.
Проф. д-р Марија Дракуловска Чукалевска, с.р.
Асс. м-р Ивана Геговска, с.р.
Асс. м-р Емил Димитриев, с.р.

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

You May Also Like