• Friday, 03 January 2025

Инзаги со пофални зборови за Аталанта пред дуелот во Суперкупот

Инзаги со пофални зборови за Аталанта пред дуелот во Суперкупот

Ријад, 1 јануари 2025 (МИА) - Тренерот на италијанскиот шампион Интер, Симоне Инзаги, го опиша дуелот на неговиот тим во Суперкупот против Аталанта како средба на „два тима кои прават неверојатни работи“, јавија локалните медиуми.

Тимот на Инзаги во четврток во Ријад во првото полуфинале ќе се сретне со Аталанта, а во другото полуфинале ќе се сретнат Јувентус и Милан. Интер е победник на последните три изданија на Суперкупот.

Победникот на Лига Европа, Аталанта е без пораз во италијанскиот фудбал од 24 септември, додека Интер има само еден пораз од 18 натпревари оваа сезона во сите натпреварувања.

-Два тима со неверојатна сезона ќе играат еден против друг. Сега не е изненадување што Аталанта постигнува брилијантни резултати во лигата и Лигата на шампионите. Ќе биде многу тежок натпревар за нас, како и секогаш, и мораме да настапиме на многу високо ниво, да дојдеме до резултат, рече тренерот на прес-конференцијата пред натпреварот.

Двата тима се сретнаа на крајот на август, а Интер славеше убедливо на домашен терен со 4-0. Сепак, Инзаги не сака да се потпира на овој резултат. 

-Се сретнавме во период кога се уште беше отворен трансфер прозорецот и имаа некои проблеми. Оттогаш имаат одлични три и пол месеци. Физички се многу силни и имаат квалитет во секој дел од полето, убеден е Италијанецот.

Второто полуфинале помеѓу Јувентус и Милан ќе се игра во петок, а финалето е закажано за понеделник. дс

Фото: Архива