• Friday, 31 January 2025

Изјава на романскиот политичар Георгеску дека Украина „е измислена држава“, предизвика жестоки реакции

Изјава на романскиот политичар Георгеску дека Украина „е измислена држава“, предизвика жестоки реакции

Букурешт, 30 јануари 2025 (МИА) - Поранешниот претседателски кандидат на Романија Калин Георгеску, во интервју за новинарот Јон Кристоу изјави дека „Украина е измислена држава“ и сугерираше можност за нејзино поделување, што предизвика жестоки реакции во Киев, пренесува телевизијата „Диџи 24“.

Георгеску во интервјуто објавено на „Јутјуб“, тврди дека „границите сто проценти ќе се променат“ и дека Романија треба да побара дел од украинската територија. Оваа изјава веднаш беше пренесена од украинските медиуми, предизвикувајќи дипломатска реакција.

Тој ги спомена Северна Буковина, Буджак и Северен Марамуреш како „историски романски територии“ и додаде дека „Украина како држава воопшто не постои“. Георгеску, кој победи во првиот круг од анулираните претседателски избори, смета дека Украина веќе ја загубила војната со Русија и посочи дека Романија треба да се стреми кон создавање „Голема Романија“.

Изјавите на Георгеску предизвикаа остра реакција од украинското Министерство за надворешни работи, кое ги оцени како „целосна зависност од Москва“ и „неприфатлив ревизионизам“. Романското Министерство за надворешни работи исто така реагираше, потсетувајќи дека Букурешт силно ја поддржува територијалната целовитост на Украина.

Ова е првпат романските власти на вакво ниво јавно да осудат изјава на Георгеску, нагласувајќи дека политиката на Романија е заснована на меѓународното право и стабилни дипломатски принципи.ссм/

фото: архива