• Thursday, 18 July 2024

Изјава на Борел по повод 10-годишнината од уривањето на авионот на „Малезија Ерлајнс“ над Украина: ЕУ ги поддржува напорите за правда и одговорност 

Изјава на Борел по повод 10-годишнината од уривањето на авионот на „Малезија Ерлајнс“ над Украина: ЕУ ги поддржува напорите за правда и одговорност 

Брисел, 17 јули 2024 (МИА) - Денеска го одбележуваме споменот на 298-те невини луѓе, меѓу кои и 80 деца, од 17 националности, кои ги загубија животите при соборувањето на авионот на „Малезија Ерлајнс“ над територијата на Украина на 17 јули 2014 година, наведе високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во изјавата по повод 10-годишнината од уривањето на малезискиот Боинг 777-200ЕР на летот MХ17 од Амстердам до Куала Лумпур. 

- Десетгодишната враќа многу болни спомени. Одново го изразуваме нашето длабоко сочувство до семејствата и пријателите на жртвите. Европската Унија ја повторува својата целосна поддршка за сите напори за утврдување на вистината, правдата и одговорноста, во согласност со Резолуцијата 2166 на Советот за безбедност на ОН, додава Борел во писмената изјава во име на ЕУ. 

Тој натаму потсетува дека на 17 ноември 2022 година, Окружниот суд во Хаг осуди три лица на доживотен затвор за нивната улога во соборувањето на летот MH17.  

- Европската Унија нагласува дека доказите презентирани од Заедничкиот истражен тим во постапката пред Окружниот суд на Холандија, а доставени до Европскиот суд за човекови права и Советот на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИЦАО), сосема јасно упатува дека ракетниот систем земја-воздух БУК користен за соборување на летот МХ17 несомнено им припаѓа на вооружените сили на Руската Федерација. Ниту една руска дезинформативна операција не може да го одвлече вниманието од овие основни факти, утврдени од Судот, потенцира високиот претставник на ЕУ. 

Борел нагласува дека ЕУ го повторува својот повик до Русија да ја прифати одговорноста во оваа трагедија и целосно да соработува во органите на правдата. 

- Европската Унија ги нотира постапките иницирани од Холандија против Руската Федерација пред Европскиот суд за човекови права, како и постапките иницирани од Австралија и Холандија пред Советот на ИЦАО, кои се важни чекори кон постигнување на вистината, правдата и одговорноста, заклучува Борел во изјавата. 

Авионот на „Малезија Ерлајнс“ на редовната линија од Амстердам до Куала Лумпур беше соборен на 17 јули 2014 година над источна Украина со, според истрагата, ракета истрелана од територијата под контрола на проруските сепаратистички сили во регионот на Донбас. Остатоците на леталото беа пронајдени во близина на местото Храбове во областа на Доњецк. сп/

Фото: МИА Архива