• Sunday, 19 April 2026

Изложба на архитектурата „БИМАС“ во Куманово

Изложба на архитектурата „БИМАС“ во Куманово

Куманово, 15 април 2026 (МИА) - Во Центарот за култура во Куманово синоќа беше отворена изложбата „БИМАС“, посветена на современото архитектонско творештво во земјава. Станува збор за традиционална манифестација 22. по ред што се одржува на секои две години, во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, на која беа претставени наградени дела од изминатиот период.

Изложбата „БИМАС“ претставува пресек на архитектонското творештво во Македонија во изминатите две години, опфаќајќи реализирани проекти, како и конкурсни решенија што биле оценувани од стручно жири. Годинава, по промотвината изложба во Скопје, изложбата гостува и во Куманово, каде што публиката имаше можност да ги види наградените трудови.

Според архитектот Горан Митевски, настанот има особено значење за локалната средина, бидејќи се совпаѓа со иницијативата за повторно активирање на одделението на Асоцијацијата на архитекти во Куманово.

- Станува збор за традиционална изложба БИМАС, организирана од Асоцијацијата на архитекти на Македонија, која се одржува на секои две години и ги презентира најдобрите архитектонски остварувања во тој период, без разлика дали се реализирани во земјата или во странство, или станува збор за конкурсни трудови. Во Куманово се претставени наградените дела избрани од специјално жири формирано од асоцијацијата и академската заедница-изјави Митевски.

Тој посочи дека изложбата има дополнителна тежина, бидејќи доаѓа во период кога се прават напори за возобновување на архитектонската дејност на локално ниво.

-Особено е значајно што со оваа изложба се отвора можност за повторно активирање на одделението на асоцијацијата во Куманово, кое во минатото беше многу активно и даде значаен придонес, вклучително и претседатели на асоцијацијата на државно ниво. Ова е и начин да им оддадеме почит на колегите кои повеќе не се меѓу нас, а оставиле длабока трага во архитектурата-додаде Митевски, кој е еден од иницијаторите за возбонување на органокот во Куманово. ам/дма/

Фото: НУЦК

You May Also Like