• Friday, 20 February 2026

ИЕА се фокусира на критичните минерали, ги поддржува климатските цели и покрај притисокот од САД

ИЕА се фокусира на критичните минерали, ги поддржува климатските цели и покрај притисокот од САД

Париз, 19 февруари 2026 (МИА) – Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) нема намера да биде одвратена од својата посветеност во борбата против климатските промени и покрај притисокот од САД, додека организацијата се обидува да ги прошири своите капацитети во однос на критичните суровини.

На денешната конференција на ИЕА во Париз, големо мнозинство министри за енергија од земјите-членки „ја истакнаа важноста на енергетската транзиција за борба против климатските промени и ја нагласија глобалната транзиција кон нето-нула емисии“, се вели во соопштението објавено на крајот од дводневниот состанок.

Претходниот ден, американскиот секретар за енергетика, Крис Рајт, ги потсети присутните на основната мисија на ИЕА, која е основана во 1974 година како одговор на нафтената криза за да обезбеди стабилно снабдување за индустријализираните земји.

- Потребно ни е тие денес да се фокусираат на таа мисија, а не на климатско застапување – рече Рајт.

За разлика од повеќето министерски конференции на ИЕА, по дводневниот самит немаше заедничка завршна изјава.

Агенцијата се согласи да ги засили своите напори за да обезбеди земјите-членки да имаат сигурен пристап до критичните суровини, кои стануваат сè поважни за безбедно снабдување со енергија. Соработката треба да се зајакне со цел да се избегнат проблеми со снабдувањето и да се промовира создавањето на резерви на критични суровини.

Агенцијата неодамна значително ги прошири своите аналитички капацитети во областа на критичните минерали и има намера во иднина да одговори на прекините во снабдувањето со координирани мерки, изјави директорот на ИЕА, Фатих Бирол.

- Исто како што владите реагираа заеднички на нафтената криза во 1973 година, тие мора да работат заедно и денес за да ја зајакнат отпорноста и разновидноста на синџирите на снабдување со критични минерали – рече Бирол.

Независно од напорите на ИЕА, САД на почетокот на годината најавија сојуз за критични суровини за да ја скршат доминацијата на Кина во овој клучен сектор и да се спротивстават на манипулациите со цените.

Бирол, исто така, рече дека извештајот „World Energy Outlook“, што редовно го објавува ИЕА, отсекогаш се засновал на целта за климатска неутралност. Тој додаде дека сè уште не може да каже дали ова сценарио ќе се задржи и за претстојната глобална енергетска анализа на ИЕА. јт/

Фото: ЕПА