• Saturday, 09 November 2024

ИДФ и Шин Бет потврдија дека во воздушен напад загинал командантот на Хамас во Либан, Фатех Шериф

ИДФ и Шин Бет потврдија дека во воздушен напад загинал командантот на Хамас во Либан, Фатех Шериф

Ерусалим, 30 септември 2024 (МИА) - Израелските одбранбени сили (ИДФ) и израелската разузнавачка служба Шин Бет во заедничко соопштение потврдија дека командантот на палестинската милитантна група Хамас во Либан, Фатех Шериф ел Амин е убиен во израелски воздушен напад.

Во соопштението се наведува дека Шериф е „шеф на либанскиот огранок на терористичката организација Хамас“, пишува „Тајмс оф Израел“.

Според израелската војска, Шериф бил одговорен за координирање на активностите на Хамас во Либан со Хезболах, како и за „напорите на Хамас да ги зајакне силите во Либан, на полето на регрутирање оперативци и набавка на оружје“.

Тој „работи на унапредување на интересите на Хамас во (Либан) и политички и воен“, се вели во соопштението. УНРВА потврди дека Шериф бил вработен во Агенцијата на ОН за палестински бегалци, но изјави и дека е под истрага поради неговите политички активности.

Според либанските медиуми, Шериф бил убиен синоќа во напад на бегалскиот камп Ал Бас во градот Тир на југот на Либан.

Смртта на Шериф ја потврди и палестинската милитантна група Хамас, која претходно денеска објави дека лидерот на таа група во Либан Фатех Шериф Абу ел Амин е убиен во израелски напад во јужен Либан.

Во соопштението на Хамас се додава дека во тој напад биле убиени и неколку членови на семејството на Шериф.

-Фатех Шериф Абу ел-Амин, лидерот на Хамас во Либан и член на раководството на движењето во странство, е убиен во израелски напад врз неговата куќа во кампот Ал Бас во јужен Либан, се вели во соопштението на Хамас. мс/

фото: МИА архива