• Friday, 19 July 2024

Зиркзе: Потпишувањето за Манчестер Јунајтед не беше тешка одлука

Зиркзе: Потпишувањето за Манчестер Јунајтед не беше тешка одлука

Манчестер, 17 јули 2024 (МИА) - Новото засилување на Манчестер Јунајтед, Џошуа Зиркзе изјави дека не се двоумел да потпише за клубот поради фактот што нема да биде вклучен во Лигата на шампионите следната сезона.

„Црвените ѓаволи“ завршија на осмото место во лигата, што е нивен најнизок пласман од 1990 година. Сепак, тие ќе учествуваат во европските натпреварувања бидејќи освојувањето на ФА Купот им гарантира пласман во Лига Европа.

-Имам многу верба и добро чувство за овој чекор. Тоа не беше тешка одлука. Многу ја сакам Болоња, но Манчестер Јунајтед ми даде многу, многу добро чувство. Уверен сум дека тоа што е планирано ќе се случи. Последните неколку недели беа исполнети со многу емоции. Имаше многу убави моменти. Сега сум тука и многу сум среќен. Едвај чекам да започнам и да го продолжам она што го правев минатата сезона. Се надевам дека ќе се подобрувам секој ден, изјави Зиркзе.

Тој беше дел од репрезентацијата на Холандија на Европското првенство во Германија, па сега ќе замине на мала пауза пред да се приклучи на тренинзите на тимот. Неговата адаптација на „Олд Трафорд“ ќе биде олеснета од стручниот штаб, откако на Ерик тен Хаг му се придружија уште двајца Холанѓани - Руд ван Нистелрој и Рене Хаке.

-Тоа што има Холанѓани во близина, се разбира, ќе ги олесни работите. Но, јас сум безгрижна личност, немам големи проблеми со адаптацијата. Ќе биде дополнителна привилегија да се работи со Тен Хаг бидејќи тој е Холанѓанец. Но, тој не е единствената причина поради која сум овде. Манчестер Јунајтед е голем, огромен клуб, додаде Зиркзе. дс

Фото: Фејсбук/Манчестер Јунајтед