• Thursday, 26 December 2024

Новогодишен добротворен базар за поддршка на жените жртви на семејно насилство, невладините апелираат за поголемо вклучување на граѓаните во вакви активности

Новогодишен добротворен базар за поддршка на жените жртви на семејно насилство, невладините апелираат за поголемо вклучување на граѓаните во вакви активности

Скопје, 16 декември 2023 (МИА) - На иницијатива на хумани жени и со поддршка на Лајонс Клуб „Светлина“ Скопје и Националната Мрежа против насилство врз жените и семејно насилство во Скопје првпат се одржа Новогодишен добротворен базар за користен накит и други убави подароци. Од сите собрани средства ќе бидат купени ваучери и донирани во Националната Мрежа за да ги подели на корисничките - жените жртви на семејно насилство. Иницијаторките во изјава за МИА велат дека овој настан ќе ги поттикне да ја повторат оваа активност и на женски празници.

Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство во изјава за МИА нагласува дека ваквите настани се многу значајни за подигнување на свеста на граѓаните за овој проблем од една страна, но и за обезбедување на потребната помош и поддршка за жртвите. 

-Националната мрежа досега не била дел од ваква иницијатива. Иако во Интервентниот женски фонд сме добивале донации од физички лица, сепак не сме учествувале во настан за донирање организиран од индивидуалци, во случајов две прекрасни жени. Ваквите настани се многу значајни за нас, за подигнување на свеста на граѓаните за овој проблем од една страна, но и секако за обезбедување на потребната помош и поддршка за жртвите, вели Димушевска. 

Гордана Спировска, пензиониран професор по математика и една од иницијаторките на базарот нагласува дека одлучиле на базарот да донесат и да ги продадат нивните работи кои им се најдраги и највредни кои, како што вели, ќе добијат уште поголема вредност кога ќе бидат споделени со другите.

-Почнавме од работите кои ни се драги и за нас имаат голема вредност и ако ги споделиме со други можеби ќе добијат поголема вредност отколку да бидат само наши спомени. Изненадена сум од одѕивот и на тие што ги поканивме. Можеби ќе добиеме уште повеќе желба да го повториме и на женски празници. Првичниот успех е многу задоволителен, а најважно ни е тоа дека многу од посетителките рекоа „И ние можевме да подариме нешто“. Размислувам дека и ние можеме да бидеме собирачи на тоа што можеме да го продадеме, рече Спировска. 

Спировска вели дека од невладините ги известиле дека жените жртви на семејно насилство добиваат многу малку помош. Со МИА сподели дека добила идеја да замоли некој фризер да им дадат комплетен третаман на жените жртви за новогодишните празници, што за нив, како што вели, би придонело барем за миг да се почувствуваат посреќни и посилни.

-Од невладините ни кажаа дека децата на жените кои се жртви на семејно насилство од различни организации добиваат помош и пакетчиња сега за Нова година. А мајките се тие кои повеќе се грижат за децата, а добиваат помалку, речиси некаква помош. Ми дојде на ум да замолам некој фризер и да ги дотераат за новогодишните празници. Да направиме нешто симболично со кое што тие ќе се чувствуваат посреќни и посилни. Можеби овие не е голема помош, ама убавината во овие претпразнични моменти сигурно значи многу за нив, вели Спировска. 

Димушевска ги охрабрува сите граѓани во рамки на своите можности да се вклучуваат во вакви настани и како донатори преку купување на она што се продава, но и како организатори. фф/ац/

Фото: МИА

You May Also Like