• Thursday, 29 August 2024

Захарова: Барањата на Киев Минск да ги повлече војниците од границата се неприфатливи

Захарова: Барањата на Киев Минск да ги повлече војниците од границата се неприфатливи

Москва, 28 август 2024 (МИА) – Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, денеска изјави дека Русија ги смета за неприфатливи украинските барања од Белорусија за повлекување на војниците од заедничката граница.

Украина пред две дена ја повика Белорусија да повлече значителен број свои воени сили и опрема распоредени долж заедничката граница.

Украинското Министерство за надворешни работи ја предупреди Белорусија на „трагични грешки“ под притисок на Москва.

Во соопштението од украинското министерство белоруските вооружени сили се повикуваат да „престанат со непријателските акции“ и да ги повлечат војниците од границата.

Тенкови, топови и противвоздушни системи, како и друга инженерска опрема се наоѓаат во регионот Гомел во близина на северната граница на Украина. Во соопштението се вели дека Украина „никогаш не презела и никогаш нема да преземе непријателски дејствија против белорускиот народ“.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко на 18 август изјави дека Украина распоредила повеќе од 120.000 свои војници на границата со Белорусија и оти распоредила речиси една третина од своите вооружени сили долж целата граница.

Белорусија минатата недела соопшти дека испратила авиони, сили за воздушна одбрана и оклопни возила на границата со Украина. јт/