• Tuesday, 16 December 2025

Заседание на Советот за општи работи, меѓу темите и Заклучоците за проширувањето

Заседание на Советот за општи работи, меѓу темите и Заклучоците за проширувањето

Брисел, 16 декември 2025 (МИА) – Подготовките за претстојниот Самит на ЕУ, заклучоците на Советот за проширувањето, повеќегодишна финансиска рамка на блокот, годишниот извештај на Европската комисија за поедноставувањето и програмата за работа за 2026 година, ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за општи работи на ЕУ во Брисел.

Со состанокот ќе претседава данската министерка за европски прашања Мари Бјере, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ, а на него ќе присуствуваат и извршниот потпретседател на Европската комисија и еврокомесар за кохезија и реформи, Рафаеле Фито, еврокомесарката за проширување Марта Кос, како и европскиот комесар за буџет Пјотр Серафин.

Состанокот на министрите за европски прашања на земјите членки ќе започне со дискусија по Предлог-заклучоците за Самитот на ЕУ, предвиден за 18 и 19 декември, на кои главни теми ќе бидат состојбите во Украина и на Блискиот Исток, европска одбрана и безбедност, следниот мултифункционален буџет, проширувањето и реформите на ЕУ, миграцијата, геоекономијата и конкурентноста.

Под посебна точка, министрите ќе разменат мислења за процесот на проширување на ЕУ и ќе го разгледаат постигнатиот напредок на кандидатите за членство. Предвиено е и министрите да ги одобрат заклучоците на Советот за проширувањето, кои се дизајнирани со цел да ги утврдат политичките приоритети и да ја проценат ситуацијата во секоја од кандидатите за членство, како и да постават насоки за понатамошни реформи.

Министрите ќе одржат и политичка дебата за Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година, која има за цел да овозможи усогласување на трошоците со политичките приоритети на Унијата, зголемување на предвидливоста на финансиите на блокот, обезбедување буџетска дисциплина и олеснување на усвојувањето на годишните буџети на Унијата.

Дебата ќе се фокусира на т.н. прва преговарачка кутија, документ подготвен од Данското претседателство, кој има за цел да ги идентификува елементите за политичко разгледување во рамката и да ја олесни дискусијата по нив на декемврискиот Самит на ЕУ. Преговорачката кутија треба да претставува и основа за идните преговори за буџетот меѓу земјите членки на техничко ниво.

Предвидено е министрите да усвојат и заедничка декларација за законодавните приоритети на ЕУ за 2026 година, како и да одржат размена на мислења по извештајот на Европската комисија за административно поедноставување.

Дополнително, актуелното Данското и следното Кипарско претседателство со Советот на ЕУ ќе го презентираат планот за работа на Советот и неговите тела за 2026 година. Планот обезбедува рамка за координација на политиките на ЕУ и им овозможува на земјите членки да ги усогласуваат своите планови и да го следат напредокот во нивното остварување.

За време на работниот ручек на Советот, предвидено е министрите да разговараат за придонесот на кохезивната политика кон стратешките приоритети на ЕУ. сп/сд/

Фото: МИА Архива