• Saturday, 05 October 2024

Започнаа градежните работи за регулација на Куков дол во Крива Паланка

Започнаа градежните работи за регулација на Куков дол во Крива Паланка

Крива Паланка, 4 октомври 2024 (МИА) - Општина Крива Паланка започна со градежни активности за регулирање на единствениот дол во урбаниот дел на градот што не е регулиран, Куков дол во населбата Лозаново.

-Ќе се изврши регулација на околу двесте метри од долот, а во следниот период ќе инвестираме вкупна сума од 4.200.000 денари, од кои: 3.000.000 денари се од Министерството за животна средина, а останатите средства до реализација на проектот се кофинансирање од буџетот на Општина Крива Паланка, изјави градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој изврши увид на терен и најави дека според динамиката на градба работите ќе се реализираат за два месеци.

Тековно се гради и уредува на повеќе локации во општината, финишира изградбата на минор коритото на Крива Река, од спортскиот комплекс до градскиот базен, четврта последна фаза.

За овој проект се инвестираат 16.000.000 денари преку Биро за регионален развој,се градат 470 метри од коритото, а во текот на вчерашниот ден заврши асфалтирањето на улицата „Моша Пијаде“ во Осичка маала, една од вкупно три улици од оваа населба што добија нов асфалт, со вложени вкупно 8.000.000 денари од Развојната програма на Општина Крива Паланка. ид/нд/

Фото: Општина Крива Паланка