Заменик министерот Исени на 115. сесија на Советот на Меѓународната организација за миграции во Женева
- Градењето капацитети за управување со миграцијата се планира и имплементира согласно националните потреби и интереси, но и во согласност со ЕУ политиките и стандардите, при што се земаат предвид и препораките содржани во Извештаите за напредок на Европската Комисија, како и искуствата на ЕУ државите.
Скопје, 26 ноември 2024 (МИА) - Градењето капацитети за управување со миграцијата се планира и имплементира согласно националните потреби и интереси, но и во согласност со ЕУ политиките и стандардите, при што се земаат предвид и препораките содржани во Извештаите за напредок на Европската Комисија, како и искуствата на ЕУ државите.
Ова, меѓу другото, го истакнал заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени во своето денешно обраќање во рамки на редовната 115.сесија на Советот на Меѓународната организација за миграции (IOM), што се одржува во Женева, Швајцарија, посветена на натамошно усогласување на актуелните миграциони политики, како и прашања од значение за натамошното функционирање на оваа, инаку една од најголемите меѓународни асоцијации.
МВР соопшти дека во своето обраќање заменик министерот Исени презентирајќи дел од законските решенија и активностите по однос на миграциите на национално ниво, ги посочил и главните стратешки документи во оваа област како што се Националната стратегија за интегрирано гранично управување, Националната стратегија за борба против илегална миграција и прекуграничен криминал, Резолуцијата на миграциската политика и Патоказот за владеење на правото.
- Меѓународната соработка претставува важен дел во јакнењето на капацитетите за управување со миграцијата – како во областа на размена на информации и искуства, така и во областа на оперативната соработка и експертската и техничката поддршка, потенцирал заменик министерот Исени, нагласувајќи ги во тој контекст имплементираните регионални проекти, финансиски поддржани од Европската комисија, а спроведени преку Фронтекс и други релевантни партнери, како и национални проекти дизајнирани и прилагодени за нашите потреби.
Во рамки на 115 сесија, што официјално започна со работа денеска, а ќе трае до четврток , обраќање имал и генералниот директор на ИОМ, Ејми Поуп, која го презентирала извештајот и стратешките заложби на организацијата во наредниот период. цр/лв/
Фото: МВР