• Friday, 14 March 2025

Ерменија и Азербејџан го финализираа мировниот договор

Ерменија и Азербејџан го финализираа мировниот договор

Баку, 13 март 2025 (МИА) - Претставници на Ерменија и Азербејџан денеска соопштија дека го усогласиле текстот на мировниот договор со кој треба да се стави крај на речиси четири децении долгата конфронтација меѓу двете земји.

Двете поранешни советски републики водеа повеќе војни од крајот на 80-тите години, откога регионот Нагорно-Карабах – азербејџанска територија населена главно со етнички Ерменци – се обиде да се отцепи од Азербејџан со поддршка од Ерменија.

Министерството за надворешни работи на Ерменија денеска соопшти дека договорот е финализиран од нивна страна.

„Мировниот договор е подготвен за потпишување. Република Ерменија е подготвена да започне консултации со Република Азербејџан за датумот и местото на потпишување“, се наведува во соопштението.

Од друга страна, Министерството за надворешни работи на Азербејџан порача: „Со задоволство констатираме дека преговорите за текстот на мировниот договор и воспоставување меѓудржавни односи помеѓу Азербејџан и Ерменија се завршени.“

Сепак, останува неизвесно кога ќе биде потпишан договорот, бидејќи Азербејџан инсистира на измени во ерменскиот устав, каде што, според Баку, се содржани индиректни територијални претензии кон Азербејџан – обвинување што Ереван го отфрла.

Ерменскиот премиер Никол Пашињан денеска изјави дека по потпишувањето на мировниот договор, на границата меѓу двете земји нема да бидат распоредени странски воени сили.

Азербејџан целосно ја врати контролата врз Нагорно-Карабах со брза воена операција во септември 2023 година, а руските мировни сили се повлекоа од регионот во мај минатата година.ссм/

фото: архива