• Wednesday, 25 March 2026

Едуард Хабсбург: Силно го поттикнуваме приемот на Македонија во Европската Унија

Едуард Хабсбург: Силно го поттикнуваме приемот на Македонија во Европската Унија

Будимпешта, 26 март 2026 (МИА) - Едуард Хабсбург – Лотринген, унгарски дипломат и висок член на австриското и пан- европско кралско семејство, изрази силна поддршка за приемот на Македонија во Европската Унија. Хабсбург до неодамна беше амбасадор на Унгарија во Ватикан, а сега е амбасадор на унгарската Влада за семејни и црковни прашања, а воедно е и често присутен во американските конзервативни кругови. Во разговор со МИА на конференцијата CPAC, Едуард Хабсбург упати порака дека Македонија треба итно да се интегрира во Европската Унија.

- Не сум во позиција да давам официјални изјави на оваа тема, но можам да кажам дека Унгарија силно го поттикнува приемот на сите држави од западниот Балкан во Европската Унија што е можно поскоро. Унгарија притиска за интеграција на тој дел од светот, и силно го поддржуваме тоа. Би кажал дека земјите од западниот Балкан работеа долго и напорно да влезат во Европската Унија и некогаш мислам дека ентузијазмот во Брисел не е толку силен како што би требало да биде. Исто така и Ватикан, каде што работев десетина години, силно, силно притиска за тоа. Светата Столица е многу посветена на приемот на Балканот, изјави Хабсбург за МИА.

Најпознатото европско аристократско семејство со децении го вложува своето влијание во Европа кон интеграцијата на источните и јужните европски држави, преку Пан-Европската Унија, каде Ото фон Хабсбург беше еден од основачите и клучните двигатели. цч/паг/

Фото: МИА