• Tuesday, 16 July 2024

ЕВРО2024: Многу помалку безбедносни инциденти од очекуваното

ЕВРО2024: Многу помалку безбедносни инциденти од очекуваното


Берлин, 15 јули 2024 (МИА) – Германија доживеа многу помалку безбедносни инциденти отколку што се очекуваше како домаќин на Европското фудбалско првенство кое привлече 2,6 милиони луѓе на 10 стадиони ширум земјата, соопшти денеска германското Министерството за внатрешни работи, припишувајќи ги заслугите за тоа на полициско присуство и граничните контроли.
„Нашите силни безбедносни мерки работеа во сите области“, рече министерката за внатрешни работи Ненси Фезер, која им се заблагодари на безбедносните службеници, волонтерите и службите за итни случаи за нивната работа за време на едномесечниот турнир, кој заврши во неделата вечерта со победа на Шпанија над Англија.
„Бевме подготвени за сите можни опасности – од исламистички тероризам до хулиганско насилство, сајбер напади и користење беспилотни летала – и зајакнавме против сите закани“, додаде Фезер.
Присуството на 22.000 полицајци дневно придонесе за мирен и беспрекорен развој на повеќето натпревари и опипливо чувство на безбедност, објави Министерството.
За време на турнирот, кој привлече околу шест милиони луѓе во навивачките зони за да ги гледаат натпреварите на отворено, полицијата регистрираше приближно 2.340 поврзани кривични дела, од кои 700 телесни повреди.
Сајбер нападите, кои предизвикаа загриженост поради настапот на Украина, не одиграа сериозна улога, додека екстремистичките слогани и скандирања беа изолирани инциденти, а бројот на политички мотивирани злосторства беше на ниско ниво. ег ФОТО: Фејсбук