Европските лидери се заложија за мултинационални сили како безбедносна гаранција за Украина (ДПЛ)
- Лидерите посочуваат и дека осигурувањето на безбедноста, суверенитетот и просперитетот на Украина е составен дел од пошироката евроатлантска безбедност, па затоа земјата и нејзиниот народ заслужуваат просперитетна, независна и суверена иднина, ослободени од страв од идна руска агресија.
Брисел, 16 декември 2025 (МИА) – Идеја за создавање на мултинационални сили за Украина, предводени од Европа и поддржани од САД, со учество на војници од земји од Коалицијата на подготвените, е наведена во заедничката изјава од синоќешната средба на група европски лидери во Берлин.
- Тие би помагале во обновата на украинските сили, во обезбедувањето на небото на Украина и во поддршката на побезбедни мориња, вклучително и преку дејствување во Украина, се наведува заедничката изјава на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателите на Финска и на Франција, Александер Стуб и Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, премиерките на Данска и на Италија, Мете Фредериксен и Џорџа Мелони и премиерите на Велика Британија, Кир Стармер, на Норвешка, Јонас Гар Сторе, на Полска, Доналд Туск, на Холандија, Дик Схоуф и на Шведска, Улс Кристершон.
Лидерите посочуваат и дека осигурувањето на безбедноста, суверенитетот и просперитетот на Украина е составен дел од пошироката евроатлантска безбедност, па затоа земјата и нејзиниот народ заслужуваат просперитетна, независна и суверена иднина, ослободени од страв од идна руска агресија.
Во изјавата лидерите го поздравуваат значајниот напредок во напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за обезбедување праведен и траен мир во Украина, како и блиската соработка меѓу неговиот и тимот на украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските тимови во последните денови и недели.
- Тие се согласија да соработуваат со претседателот Трамп и претседателот Зеленски за да постигнат траен мир што ќе го зачува украинскиот суверенитет и европската безбедност. Лидерите ја ценат силната конвергенција меѓу САД, Украина и Европа. И американските и европските лидери се обврзаа да работат заедно за да обезбедат робусни безбедносни гаранции и мерки за поддршка на економското закрепнување за Украина во контекст на договор за завршување на војната, се наведува во изјавата.
Во неа се истакнува дека овие гаранции и мерки, покрај веќе споменатите мултинационални сили, би вклучувале и обврски за обезбедување одржлива и значајна поддршка на Украина за изградба на нејзините вооружени сили, кои треба да останат на мирновременско ниво од 800.000 лица за да можат да одвратат конфликт и да ја бранат украинската територија.

Натаму во изјавата се наведува идејата за создавањето на механизам за следење и верификација на прекинот на огнот со меѓународно учество, предводен од САД, воспоставување на процедури за преземање мерки за враќање на мирот и безбедноста во случај на иден вооружен напад, инвестирање во идниот просперитет на украинската држава, вклучително и обезбедување големи ресурси за обнова и реконструкција, заемно корисни трговски договори и земање предвид на потребата Русија да плати компензација за предизвиканата штета, и се изразува силна поддршка на пристапувањето на Украина во Европската Унија.
- Лидерите ја изразија својата поддршка за претседателот Зеленски и се согласија да ги поддржат сите одлуки што тој конечно ќе ги донесе за специфичните украински прашања. Тие потврдија дека меѓународните граници не смеат да се менуваат со сила. Одлуките за територијата се за народот на Украина, откако ефикасно ќе се воспостават робусни безбедносни гаранции. Тие се согласија дека некои прашања ќе треба да се решат во последните фази од преговорите. Тие нагласија дека ќе го поддржат претседателот Зеленски да се консултира со својот народ доколку е потребно, се потенцира во изјавата.
Во документот европските лидери посочуваат дека како и во секој договор, ништо не е договорено додека не се договори сè и дека сите страни мора интензивно да работат кон решение што би можело да обезбеди траен прекин на борбите. Тие, исто така, истакнуваат дека секој договор треба да ја заштити долгорочната безбедност и единство на евроатлантскиот систем и улогата на НАТО во обезбедувањето силно одвраќање, како и дека сите елементи што влијаат на ЕУ и на Алијансата ќе бидат дискутирани меѓу членовите на двата блока.
- Сега е должност на Русија да покаже подготвеност да работи кон траен мир со тоа што ќе се согласи со мировниот план на претседателот Трамп и да ја демонстрира својата посветеност за прекин на борбите со тоа што ќе се согласи на прекин на огнот. Лидерите се согласија да продолжат да го зголемуваат притисокот врз Русија за да ја натераат Москва сериозно да преговара. Тие се обврзаа да работат на брз понатамошен напредок во наредните денови и недели за заедничко склучување и одобрување на договор за траен мир. Тие ја потврдија својата силна поддршка за претседателот Зеленски и народот на Украина во нивната борба против илегалната руска инвазија и во обезбедувањето праведен и траен мир. Оваа изјава останува отворена за други земји да ѝ се приклучат, се додава во документот.
На состанокот покрај лидерите потписници на изјавата, присуствуваа и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, украинскиот претседател Зеленски и претставници на американската делегација, кои во Берлин преговараат со Украина за условите за прекин на огнот.
Инаку, Русија досега категорично го отфрлаше распоредувањето на странски сили за следење на прекинот на огнот во Украина, наведувајќи дека трупи од земјите на НАТО би се сметале за воени цели и би биле уништени. сп/сд/
Фото: ЕБС