• Friday, 24 January 2025

Евроамбасадорот Рокас ја посети Општина Куманово

Евроамбасадорот Рокас ја посети Општина Куманово

Куманово, 23 јануари 2025 (МИА) - Евроамбасадорот Михалис Рокас денеска се сретна со градоначалникот на Општина Куманово и со членовите на Советот. Активноста е дел од серијата општински посети преку кои граѓаните и институциите имаат можност да се запознаат со придобивките од процесот на пристапување во Европската Унија.

Рокас во изјавата за медиумите потенцираше дека оваа е негова прва посета на Куманово и ја истакна добрата дебата со советниците. Посетата, како што истакна тој, ја искористил за да ги слушне размислувањата на различните чинители во градот. За Куманово рече дека се наоѓа на стратешка позиција на средината помеѓу коридорите 8 и 10 и ги повика и локалните власти, заеднички со ЕУ и со државата да работат на забрзување на реформите.

- Имајќи предвид дека Европската Унија има имплементирано и имплементира голем број на проекти коишто се поврзани со клучни сфери за развојот на Куманово, коишто се поврзани со третирање на отпадните води, за подобрување на квалитетот на воздухот, меѓутоа и постојат и други можности коишто ЕУ ги финансира за да можат да бидат реализирани во вашата општина. И тука се разбира да не ја заборавиме стратешката важност, позицијата на општина Куманово на средина помеѓу коридорите 8 и 10 коишто се од стратешка економска важност, исто така за ЕУ се разбира, значи можностите се тука. Исто така ако се додаде на сето ова дека постои огромен моментум што се однесува на проширувањето на ЕУ, така што мислам дека и како земја меѓутоа и како општина овој моментум којшто постои во контекст на проширувањето на ЕУ треба да се зграпчи токму поради таа причина мислам дозволете ми уште еднаш да повторам дека треба сите заедно рака под рака да работиме, граѓаните, ние ЕУ, локалната администрација градоначалникот, се со цел да го забрзаме спроведувањето на реформите коишто треба да се завршат во оваа земја, изјави Рокас.

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски рече дека го информирал евроамбасадорот за состојбите во Куманово, за развојот на градот, за индустриската зона, за соживотот во мултиетничкото општество. Димитриевски истакна дека посебно задоволство е што на иницијатива на амбасадорот се спроведува средбата во Куманово. Тој додаде дека во историјата на Куманово, ЕУ е најголем донатор.

- Општината има за цел да се трансформира и да стане реално еден европски град. Како граѓани, како општина, силно го поддржуваме нашиот пат и полноправно членство во Европската Унија и се надеваме, првенствено дека сите еднострано наметнати проблеми коишто доаѓаат за жал од страна, и историјата се повторува, во иднина ќе бидат надминати. Еден ден кумановци ќе можат да бидат полноправно и во вистинска смисла на зборот граѓани на ЕУ бидејќи сите ние се чувствуваме европејци, родени сме во Европа и нашето место е во ЕУ. Знам дека амбасадорот силно ја поддржува таа иницијатива и исто така заедно со неговиот тим дава несебичен придонес за реализирање на тие наши стратешки цели, како општина, така и како држава, изјави Димитриевски.

Освен средбата со градоначалникот и со советниците, Рокас ќе оствари средба и со претставници на невладините организации, како и со младите и со граѓаните. ам/мд/


Фото: МИА