• Wednesday, 04 February 2026

Дурмиши: Државата е решена системски да ја сузбива сивата економија

Дурмиши: Државата е решена системски да ја сузбива сивата економија

Скопје, 3 февруари 2026 (МИА) - Формализацијата на сивата економија е една од највисоките стратешки определби на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, зашто директно влијае врз економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2024 година во земјава имало речиси 694 илјади вработени, од кои приближно 85 илјади биле неформално ангажирани. Тоа е сериозен предизвик, кој бара системски решенија - рече денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на настанот во Владата по повод презентација на Законот за работно ангажирање лица.

Со Законот, напомена Дурмиши, се воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање, со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Законот овозможува ангажирање вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери, без губење на нивните веќе стекнати права. Корисниците на гарантирана минимална помош не ги губат социјалните и детските права, невработените не се бришат од евиденцијата и не го губат паричниот надоместок, пензионерите го задржуваат правото на пензија, а студентите и учениците ги задржуваат правата од образовниот систем.

- Со овој закон испраќаме јасна порака дека државата е решена системски да ја сузбива сивата економија и активно да ја поддржува формалната економија. Тоа значи повеќе формални работни места, поголема сигурност за работниците и стабилна, предвидлива и фер деловна клима за компаниите што инвестираат и придонесуваат за растот на македонската економија - истакна Дурмиши.

Министерството, како што беше најавено на настанот, ќе почне кампања за промоција на Законот со мотото „Фер ангажман“.

Со овој закон, посочија учесниците, Владата испраќа и недвосмислена порака дека реформите во областа на трудот не се декларативни, туку реални и применливи. Формалната економија, заштитата на работниците, фер конкуренцијата и дигиталната трансформација се заедничка одговорност и заеднички интерес за сите, особено за државата.

- Во првата фаза Законот ги опфаќа дејностите во кои сивата економија е најизразена - земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинствата. Според анализите, се очекува формализација на 12.000 сезонски работници во земјоделството и приближно 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите, односно вкупно опфаќање на речиси 17.400 лица, истакан министерот.

Според него, оваа реформа носи конкретни придобивки и за работниците и за работодавачите - работодавачите добиваат флексибилност и поедноставени административни постапки, а работниците исплата од час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда при работа или професионално заболување, како и јасна правна заштита на нивните права.

- Денес, зборуваме за закон што веќе е во употреба и претставува значаен исчекор во уредувањето на пазарот на трудот. Законот за работно ангажирање лица почна да се применува од 1 јануари 2026 година, а тековниот период беше наменет за техничка и институционална адаптација, со цел неговата имплементација да биде ефикасна, усогласена и функционална во пракса. Министерството за економија и труд и досега спроведуваше активни политики преку оперативниот план за вработување, но анализите покажаа дека некои од лицата и понатаму остануваат надвор од формалните текови. Токму затоа беше донесен овој закон, кој претставува суштинска реформа во начинот на повремено и сезонско ангажирање на работна сила - рече Дурмиши.

Тој упати посебна благодарност до Германското друштво за меѓународна соработка(ГИЗ) за експертската и техничката поддршка во процесот на подготовка и имплементација на законот, до Агенцијата за вработување, Министерството за финансии и Управата за јавни приходи, како и до сите институции кои беа директно вклучени во воспоставувањето на функционален и ефикасен систем.

Извршната директорка на Центарот за истражување и креирање политики, Марија Ристевска, оцени дека Законот е реформа од заеднички интерес која одговара на реалните потреби на Македонија и на домашниот пазар на труд. Секоја година, потсети Ристевска, илјадници луѓе во Македонија се повремено и сезонски работно ангажирани како надничари во земјоделството, како келнери, како работници на плажи, бачила, свадби и семејни прослави, како бејбиситери и за грижа на стари лица,...

-Нивната работа за сите нас е видлива, но не и за државата. Прашањето беше како да се трансформираат овие работни ангажмани во формални за сигурност и заштита. Преточивме решенија во Закон и во дитигитално решение - пријава, плаќање придонесеи и даноци, како и одјава на работен ангажман. Законот одговара на реалните потреби на Македонија и на домашниот пазар на труд. Се работи за реформа од заеднички интерес. Сите ние сега можеме да бидеме работодавачи. Со овој Закон, сите можеме да бидеме и работно ангажирани лица. Дигиталната платформа наскоро ќе нуди и регистар на работно ангажирани лица и ќе биде новото место на кое ако ви треба ад-хок работник во земјоделство, угостителство, туризам, услуги во домаќинството, а немате таков човек во вашиот телефон, ќе можете да го најдете во регистарот. Законот и дигиталниот систем за пријава и одјава ја препознава реалноста и ја уредува на фер и достонствне начин, рече директорката.

Германската амбасадорка Петра Дрекслер истакна дека Сојузна Република Германија останува силен партнер на Македонија во спроведувањето на структурни реформи, особено на оние што придонесуваат кон правичен, инклузивен и функционален пазар на труд.

-Со надградба на порталот за е-работа и интегрирани системи за наплата на даноци и социјални придонеси, Северна Македонија не само што ја формализира сезонската работа, туку ја прави и поефикасна и помодерна, позиционирајќи се меѓу водечките земји во дигиталната трансформација на политиките за вработување. Новите поедноставени постапки за електронска регистрација на сезонските работници ќе го подобрат деловниот амбиент, ќе го намалат административниот товар за работодавачите и ќе ја намалат неформалната вработеност, рече Дрекслер. мч/са/

Фото: МИА