Дончиќ за дебито: Одамна не сум имал толкава трема
- Дебито на Лука Дончиќ за Лос Анџелес Лејкерс помина во голем стил, но тој самиот призна дека му било малку непријатно и имал трема.
- Post By Спорт Миа
- 09:37, 11 February, 2025
![Дончиќ за дебито: Одамна не сум имал толкава трема](https://mia.mk/images/20250211093703_big_730x400_62.webp )
Лос Анџелес, 11 февруари 2025 (МИА) - Дебито на Лука Дончиќ за Лос Анџелес Лејкерс помина во голем стил, но тој самиот призна дека му било малку непријатно и имал трема.
Дончиќ го одигра првиот натпревар во дресот на „езерџиите“ по трејдот, против Јута. Во своето деби за својот нов клуб, тој постигна 14 поени, забележа пет скока и четири асистенции, додека Л.А. го совлада противникот за шестата последователна победа (132:113).
-Леле, многу луѓе. Тоа беше нешто посебно. Кога ги гледав момците на теренот на последните натпревари, само мислев дека сакам да играм со нив, рече Лука Дончиќ при пристигнувањето на прес-конференцијата по долгоочекуваното деби за Лос Анџелес Лејкерс.
Дончиќ во дебито постигна 14 поени, но шутот не му одеше најдобро. Тој погоди 5 од 14 обиди од поле по долгото лекување на повредата на глутеалниот мускул, а последен пат играше на Божиќ.
-Бев малку нервозен. Тоа не ми се случило пред натпревар долго време. Не сум играл долго време. Ова е нов тим за мене. Но, беше забавно на теренот, призна словенечкиот репрезентативец и додаде:„Ова е нов тим, ново сè. Ми се допаѓа начинот на кој ми помогнаа – моите соиграчи, Роб (Пелинка, ГМ), Џини (Бас, сопственик). Чувствував голема поддршка. Беше очигледно... Кога дојдов во салата, ги видов сите дресови „Лука“. Надреално чувство“.
Пред натпреварот го охрабри и Леброн Џејмс кој му порача да биде тоа што е.
-За Леброн да каже нешто такво ми дава дополнителна самодоверба. Се наежив. Посебно е. Тој ја гледа играта поинаку од многу луѓе, неговата интелигенција е луда. И знаете, имајќи двајца такви момци на теренот, мислам дека тоа ќе му помогне на целиот тим, рече Дончиќ.
Натпреварот го следеше и Дирк Новицки, легендата на Далас Маверикс.
-Многу ми значи. Дека дојде. Тој е мој голем пријател, секогаш сум го гледал, тој е одличен ментор. Фактот што се појави, што долета од Далас е неверојатно и јас навистина, навистина го ценам тоа, додаде Дончиќ. дс
Фото: Принтскрин