• Tuesday, 16 December 2025

Доделени наградите на ЕП за слобода на мислата „Сахаров“ за 2025 година

Доделени наградите на ЕП за слобода на мислата „Сахаров“ за 2025 година

Стразбур, 16 декември 2025 (МИА) – На свечена церемонија во Европскиот парламент во Стразбур, претседателката на ЕП, Роберта Мецола денеска официјално ги врачи наградите за слобода на мислата „Сахаров“ доделени на овогодишните лауреати новинарите Анджеј Поцобут и Мзија Амаглобели.

Во нивно отсуство, бидејќи се наоѓаат на отслужување на затворски казни, наградата во името на белорускиот новинар Поцобут, ја прими неговата ќерка Јана Поцобут, а во името на грузиската новинарка Амаглобели, нејзината колешка Ирма Димитраѕе.

- Горда сум што ја доделувам овогодишната награда „Сахаров“ на новинарите Анджеј Поцобут и Мзија Амаглобели како признание за нивната храбра борба за слобода на изразување и демократска иднина на Белорусија и Грузија, изјави Мецола на церемонијата.

Таа нагласи дека по овој повод Европскиот парламент изразува солидарност со Поцобут и Амаглобели и повикува на нивно итно ослободување од затвор.

- Говорењето на вистината никогаш не смее да биде кривично дело, потенцира Мецола.

Јана Поцобут порача дека и претставува голема чест што денеска се наоѓа во Европскиот парламент за да ја прими наградата во име на нејзиниот татко, познат новинар, есеист и блогер.

- Речиси пет години моето семејство живее со молк, неизвесност и отсуство на некој што го сакаме. И денеска сакам да ја изразам мојата најдлабока благодарност до Европскиот парламент што се сети на него и на сите семејства што живеат со истите неодговорени прашања, рече Јана Поцобут.

Таа се осврна и на случајот со истакнатиот член на белоруската опозиција Микалај Статкевич, кој се води како исчезнат од септември годинава, посочувајќи дека кога се изговараат нивните имиња на глас, тие престануваат да бидат статистика и повторно стануваат реалност.

- Затоа вашето внимание, вниманието на Европскиот парламент, е толку важно. Тоа го штити човековото достоинство таму каде што се прави сè за да биде избришано, рече Јана Поцобут.

Димитраѕе, која работи за независниот грузиски медиум „Батумелеби“, чиј коосновач и директор е Амаглобели, изјави дека ја прима наградата во името на нејзините колеги новинари кои се борат за да го спасат новинарството во Грузија.

- Тие работат неуморно за да се осигурат дека ќе го чуете гласот на отпорот на граѓаните на Грузија и дека вистината не е замолчена, рече Димитраѕе.

Таа ја пренесе и пораката на Амаглобели во која се нагласува дека актуелниот „режим“ во Грузија е „безмилосен“.

- Тој го уништува слободното новинарство, ги укинува опозициските политички партии и ги затвора нивните лидери, ефикасно ги расформира невладините организации, ги етикетира оние што работат во нив како „странски агенти“ … Сепак, не успеа да ги замолчи протестите. Можеби затоа пораките на Европската Унија во поддршка на грузискиот народ беа посилни и попрецизни од кога било. И за ова, сум длабоко благодарна, наведува Амаглобели во пораката што ја прочита Димитраѕе.

Во обраќањето Димитраѕе се осврна и на аспирациите на грузискиот народ за членство во ЕУ, порачувајќи дека таа борба не зависи само од Грузијците и дека не е само нивна.

- Борете се заедно со нас и за нас. Борете се како што би се бореле за слободата на вашите сопствени земји. Користете го секој механизам што ви е на располагање и направете го тоа пред да биде предоцна, им порача Димитрадзе на европратениците.

Наградата за слобода на мислата, именувана по советскиот физичар и политички дисидент Андреј Сахаров, е највисокото признание на ЕУ во областа на човековите права. Неа ја доделува Европскиот парламент од 1988 година на поединци, групи или организации како признание за нивната работа во одбраната на човековите права, слободата на изразување и демократските вредности. Покрај признание, наградата вклучува и паричен надомест од 50.000 евра.

Меѓу досегашните добитници на наградата „Сахаров“ се и лидерот на борбата против апартхејдот и поранешен претседател на Јужна Африка, Нелсон Мандела, Обединетите нации, организацијата „Репортери без граници“, Белоруското здружение на новинари, алжирската новинарка и писателка Салима Гезали и сараевскиот весник „Ослобоѓење“.

Инаку, меѓу номинираните за овогодишната награда „Сахаров“ беа и српските студенти организатори на протестите за промоција на владеењето на правото и борбата против корупцијата во Србија и новинарите и хуманитарни работници во Палестина. сп/ми/

фото: Европски парламент