ДКСК констатирала прекршок според Законот за спречување на корупција и судир на интереси кај професор и заменик директор на Институтот за сточарство и рибарство при Универзитетот ,,Свети Кирил и Методиј"
- Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) констатирала прекршок според Законот за спречување на корупција и судир на интереси кај професор и заменик директор на Институтот за сточарство и рибарство при Универзитетот ,,Свети Кирил и Методиј".

Скопје, 4 јули 2025 (МИА) - Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) констатирала прекршок според Законот за спречување на корупција и судир на интереси кај професор и заменик директор на Институтот за сточарство и рибарство при Универзитетот ,,Свети Кирил и Методиј".
Членот на Комисијата, Зоран Богоевски на денешната 20 седница, информираше дека ДКСК констатирала дека службеното лице сторило прекршок според Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Му бил доставен записник и прекршочен платен налог, како и постапка за порамнување со издавање на прекршочен платен налог. Во законскиот рок, лицето ја платило предвидената глоба.
Оформен е предмет против службено лице заменик директор на Институт при Универзитет ,,Свети Кирил и Методиј" Скопје.
Богоевски појасни дека до ДКСК, од страна на страна на Државниот инспекторат за земјоделство, било доставено известување и барање на мислење, дали постои судир на интереси, на одредено лице, редовен професор при Институтот за сточарство и рибарство. Имено, имало деловни активности меѓу Институтот и одредено правно лице, кое било предмет на инспекциски надзор од страна на Инспекторатот. Инспекторатот информирал дека правното лице било со регистриран рибник и мрестилиште и тепро центар. Од страна на Инспекторатот при инспекциски надзор било констатирано дека во правното лице, согласно на тековната состојба во Централен регистар, косопственик се јавувало лице, сопруга на службено лице вработено како професор во Институтот.
Предмет на записникот биле одредени деловни односи воспоставени помеѓу правното лице и Институтот. Професорот, имал и договор за остварување на дополнителна работа во правното лице. ДКСК оформила предмет, со цел да се испита постоење на потенцијален судир на интереси. Следувало обраќање до Институтот, за доставување на документација. Оттаму ги доставиле бараните документи.
- Утврдивме дека лицето има договор за вработување со Институтот, како професор. Институтот со правното лице имал воспоставено деловно - техничка соработка, со договори во 2016 и 2019 година. Во повеќе наврати, Институтот има набавено од правното лице рибен материјал, исплатени се 243 илјади денари. Имало соработка и во делот на експериментални истражувања за изработка на магистерски теми и докторски дисертации, објектите на правниот субјект се ползувале од страна на Институтот како опицен центар, без да се плаќа паричен надоместок кон правното лице, појасни Богоевски.
Согласно на документацијата, професорот имал согласност од Институтот, десет часа неделно дополнително работење.
Богоевски предложи предлог одлука, постапката против службеното лице заменик директор на Институт за сточарство и рибарство при Универзитет да се запре, бидејќи се констатирало дека службеното лице имало извршено уплата на пропишаната глоба по издадениот прекршочен налог за констатиран прекршок, а согласно одредбите на законот за спречување на корупција и судир на интереси.
- Врз основа на наведеното а имајќи во предвид и дека во врска со постапувањето на службеното лице е констатирано дека се нашло во состојба на судир на интереси, ДКСК согласно на законот за спречување на корупција и судир на интереси, ќе достави иницијатива за утврдување на одговорност до научниот совет на Институтот за сточарство и рибарство при Универзитетот, како надлежен орган за негово именување, подвлече Богоевски.
Предлог одлуката, беше едногласно изгласана.
На седницата, се донесени повеќе одлуки, во врска со постапувања за конкретни предмети. свд/са/
Фото: МИА