• Friday, 03 January 2025

Димитриеска-Кочоска: Во Новата година очекуваме подобри резултати втемелени на нашиот концепт заснован на инвестиции

Димитриеска-Кочоска: Во Новата година очекуваме подобри резултати втемелени на нашиот концепт заснован на инвестиции

Скопје, 1 јануари 2025 (МИА) - Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска очекува политиките што ги спроведува новата Влада на крајот на оваа 2025 година да донесат подобри резултати и посилна економија.

- Испративме година во која се соочивме со многу предизвици. Во првата половина од годината нашата енергија  беше насочена да ја добиеме можноста за справување со предизвиците, додека во втората половина почна и практичната работа на терен - детектирање на реалната состојба и преземање конкретни мерки за нивно надминување. Дел се зад нас, за дел се поставени основите за решавање, но секако претстои многу работа пред нас, затоа што решавме прашања на кои не се работело со децении, вели министерката во видео објава на нејзиниот Фејсбук профил.

Димитриеска-Кочоска во објавата преку бројки ја претставува годината што ја испративме.

- Намалена невработеноста на 12,3 проценти, растот на економијата во третиот квартал достигна 3 проценти. Буџетот се реализира согласно планираното, стабилен е и одржлив. Приходите бележат раст над 10 проценти и тоа во услови на стабилизирана инфлација и инфлација која од двоцифрена во минатата година се сведе на околу 3,5 проценти. Расходите се во рамки на планираното, како и дефицитот. Јавниот долг се управува преку навремено сервисирање на обврските и обезбедување на потребните средства по најоптимални услови на пазарот. Капиталните инвестиции се приоритет на кој ќе работиме во наредната година и на крајот на годината да споделиме позитивни резултати, наведува министерката за финансии.

Посочува дека изминати се само шест месеци од промената на политиките што ги спроведува новата Влада, дека била потребна многу енергија за да се постави основата и оти се уште има многу енергија која ќе се вложи за постигнување на целта.

- Инвестициите се основата на нашиот концепт за развој. Веруваме во неговата реализација и во бенефитот што ќе го донесе за сите. Тие се основата за поразвиена економија и посилни и поконкурентни компании, повеќе приходи во буџетот, подобри услуги кои се финансираат од парите на граѓаните – образование, здравство, социјални услуги, инфраструктура и слично. Тоа ќе значи подобар стандард за граѓаните и повисоки плати и повисоки пензии. Во новата година влегуваме со голема посветеност за остварување и градење општество во кое ќе обезбедиме благосостојба за сите граѓани, наведува министерката за финансии.

Во Новата година на сите им посакува здравје, среќа и просперитет. бак/лв/

Фото. Фејсбук статус на министерката за финансии