Делчево со поголем буџет за социјална заштита во 2026 година
- Новина во Програмата се три нови мерки, наменети за категории граѓани кои досега немале основ за остварување права од оваа програма
Делчево, 2 февруари 2026 (МИА) – Општина Делчево во 2026 година ќе располага со зголемен буџет за реализација на Програмата за социјална заштита, со што ќе се овозможи проширување на мерките и воведување нови форми на поддршка за ранливите категории граѓани.
За реализација на Програмата за социјална заштита за 2026 година предвидени се вкупно 13.689.339 денари. Од нив, 10.832.339 денари ќе бидат обезбедени од буџетот на Општина Делчево, додека 2.857.000 денари ќе се обезбедат преку Министерството за социјална политика, демографија и млади и други институции.
Како што информираат од општината, целта на програмата е спречување и надминување на социјалните ризици со кои се соочуваат ранливите категории граѓани, преку унапредување на постојните и воведување нови социјални мерки.
Во 2026 година како што додадоа ќе продолжи реализацијата на веќе воспоставените мерки, меѓу кои помош за социјално ранливи лица и семејства, поддршка за граѓани погодени од елементарни непогоди, помош за невработени лица кои тешко се вклучуваат на пазарот на трудот, грижа за стари и изнемоштени лица, лица со попреченост и деца, како и развој на нови социјални услуги.
-Новина во Програмата се три нови мерки, наменети за категории граѓани кои досега немале основ за остварување права од оваа програма. Станува збор за еднократна парична помош за еднородителски семејства во износ од 10.000 денари, еднократна парична помош за лекување на онколошки пациенти во ист износ, како и еднократна парична помош од 20.000 денари за рехабилитација на ученици со мускулна дистрофија, информираа од Општината.
Постапката за доделување на паричната помош е уредена со Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за утврдување на критериумите, условите и постапката за доделување еднократна парична помош.
Со овие мерки, Општина Делчево, како што посочуваат надлежните, ја зајакнува социјалната сигурност и ја потврдува посветеноста кон подобрување на квалитетот на живот на своите граѓани. вс/са/
Фото: Општина Делчево