• Friday, 31 January 2025

Две локални сообраќајници ќе гради Општина Зрновци

Две локални сообраќајници ќе гради Општина Зрновци

Кочани, 30 јануари 2025 (МИА) – Два локални патни правца ќе изгради Општина Зрновци во наредниот период, за што ќе ги искористи средствата што како поддршка ќе ги добие со Повикот од Владата за финансирање на проекти во локалните самоуправи.

Општината веќе има изготвено проектна документација и издадено градежни дозволи за изградба на сообраќајниците чија вредност се проценува на околу 18,5 милиони денари, односно близу 300 илјади евра.

На последната седница на Советот на Општината, градоначалникот Борчо Коцев нагласи дека се размислувало дел од парите да се наменат и за изградба на капела кај гробиштата во Зрновци, но приоритет ќе добијат проектите на кои граѓаните чекаат скоро една деценија.

-Ќе се гради локален пат во Зрновци, од месноста Циганско Маало до месноста Тасл‘к со должина од околу 1.300 метри и финансиска вредност 11,2 милиони денари, како и изградба на локалниот пат од месноста Оризови Гумна до Друмот во село Видовиште од 7,4 милиони денари. Вкупната финансиска конструкција на овие два проекта е за околу 20 илјади евра повеќе од тоа што нѐ следува од Владата. Со одлука на Совет ќе определиме кофинансирање и ќе аплицираме со овие два проекта, а капелата ќе ја оставиме за тековниот период за да видиме каде би можеле да ја аплицираме, истакна градоначалникот Коцев.

Новата патна инфраструктура е од витално значање за развивање на општината, особено што локалниот пат во Зрновци покрај течението на реката Зрновка е во близина на локација што е планирана за нова индустриска зона. Дополнително со изградбата на сообраќајниците ќе се олесни и транспортот и функционирањето за земјоделските производители, а ќе се добијат и нови правци за пешачење, рекреирање и спортување во еколошка и здрава животна средина. та/мд/

фото: МИА

You May Also Like