• Wednesday, 29 January 2025

Двете најголеми цркви во Германија против плановите на Мерц за предлози за миграциската политика

Двете најголеми цркви во Германија против плановите на Мерц за предлози за миграциската политика

Берлин 29 jaнуари 2025 (МИА) - Двете најголеми германски христијански цркви заеднички ги осудија плановите на опозицискиот лидер Фридрих Мерц да донесе предлози за миграциската политика во германскиот Парламент со помош на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД).

Пред гласањето закажано за денеска, водечките претставници на Католичката црква и Протестантската црква во Германија предупредија дека „германската демократија ќе претрпи огромна штета“ доколку се распадне таканаречениот „заштитен ѕид“ што ја спречува соработката со АфД.

Според нив, времето и тонот на дебатата за миграциската политика - што беше засилена со нападот со нож минатата недела, припишан на авганистански државјанин - се длабоко вознемирувачки.

Спорот е „клеветење на сите мигранти кои живеат во Германија“ и „поттикнува предрасуди“, тврдат тие во заедничката изјава. „Според нас, тоа не придонесува за решавање на прашањата што реално постојат“.

Предложените мерки на Мерц, кои вклучуваат одвраќање на барателите на азил на границите на Германија и одземање на германското државјанство од лица со двојно државјанство, осудени за сериозно кривично дело, „не се погодни за спречување слични прекршоци и обезбедување одржливи одговори на потребите за јавна безбедност“, се вели во соопштението.

„Едностраната акција ќе ги уништи темелите на Европската унија на долг рок“, предупредуваат тие. зш/