• Thursday, 27 June 2024

Дачиќ: Фронтекс ќе бидe распореден на границата на Србија и со трети земји, ќе ги штитиме границите на ЕУ

Дачиќ: Фронтекс ќе бидe распореден на границата на Србија и со трети земји, ќе ги штитиме границите на ЕУ

Белград, 25 јуни 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ потпиша со комесарката на ЕУ за внатрешни работи и миграција Илва Јохансон Договор меѓу Србија и ЕУ за оперативни активности што ги спроведува Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) во Србија, со кој Фронтекс ќе биде распореден на националните граници на Србија и со трети земји, со што Србија ќе ги штити своите граници, но и границите на Европската унија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Благодарение на договорот, полициските сили на Фронтекс ќе бидат распоредени не само на државните граници со Бугарија и Унгарија, туку и на државните граници на Србија со трети земји, со што Србија ќе ги штити своите граници, како и границите на Европската унија, изјави Дачиќ.

Тој посочи дека тоа значително ќе придонесе за заедничка борба против прекуграничниот криминал и нерегуларната миграција.

-Србија ги штити своите граници, но ја штити и безбедноста и стабилноста на цела Европа. Затоа ни треба единствен одговор и поддршка. Секој дополнителен полицаец од ЕУ, кој ќе ѝ се придружи на нашата гранична полиција на терен, ќе и помогне на нашата полиција сеопфатно да одговори на предизвиците од борбата против нерегуларната миграција, намалувајќи го бројот на илегални гранични премини, на патот до крајната дестинација на мигрантите, што е ЕУ, рече Дачиќ.

ЕУ донираше и 65 возила за граничната полиција, а Дачиќ истакна дека Унијата е еден од најважните донатори на МВР.

-Донацијата на овие возила придонесува за зајакнување на капацитетите на Управата за гранична полиција за заштита на државната граница, борбата против нерегуларната миграција и прекуграничниот криминал во незадоволителните услови за работа на терен, изјави Дачиќ. об