• Wednesday, 25 February 2026

Гутереш: Војната во Украина останува дамка во нашата колективна совест

Гутереш: Војната во Украина останува дамка во нашата колективна совест

Њујорк, 25 февруари 2026 (МИА) - Четири години откога Русија ја почна инвазијата врз Украина, војната останува дамка во нашата колективна совест и година по година сведоци сме на последиците од очигледното кршење на меѓународното право, вклучително и Повелбата на Обединетите нации, изјави вчера генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Гутереш на седница на Советот за безбедност укажа дека, и покрај невидените дипломатски напори, минатата година била најсмртоносна за украинските цивили и наведе дека од почетокот на војната се убиени повеќе од 15.000 цивили, а повеќе од 41.000 се повредени.

- Покрај тоа, милиони беа принудени да избегаат од своите домови, а на милиони им е потребна помош, која спасува животи - рече Гутереш и истакна дека ситуацијата е особено тешка кога станува збор за децата.

Според него, од почетокот на војната повеќе од 3.200 деца се убиени или повредени, а се проценува дека за 2,2 милиона деца е неопходна хуманитарна помош.

Гутереш предупреди дека борбите што се водат претставуваат директен ризик за безбедното функционирање на украинските нуклеарни постројки и порача дека таа „несовесна игра на нуклеарен рулет мора веднаш да запре“.

- Во текот на војната Канцеларијата на високиот комесар за човекови права известуваше за масовни кршења на човековите права - мачење, сексуално насилство, па дури и погубувања воени заробеници и цивилни притвореници, а сите тие дела поминаа без никаква одговорност - рече Гутереш.

Тој наведе дека условите за постигнување мир во Украина не се мистерија за никого бидејќи тој мора да биде во согласност со меѓународното право, вклучително и Повелбата на ОН и релевантните резолуции на ОН.

- Покрај тоа, мора да се поддржат суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници - рече Гутереш.

- Сега е време за итен, целосен и безусловен прекин на огнот, што треба да биде првиот чекор кон праведен мир - порача тој. јт/

Фото: ДПА