Групата на либералите во ЕП иницира исклучување на бугарското ДПС од своите редови
- Претседателството на либералната група „Да ја обновиме Европа“ во Европскиот парламент донесе едногласна одлука да препорача престанок на членството во нејзините редови на бугарската партијата Движење за права и слободи (ДПС) предводена од контроверзниот бизнисмен Делјан Пеевски.
Брисел, 23 декември 2024 (МИА) - Претседателството на либералната група „Да ја обновиме Европа“ во Европскиот парламент донесе едногласна одлука да препорача престанок на членството во нејзините редови на бугарската партијата Движење за права и слободи (ДПС) предводена од контроверзниот бизнисмен Делјан Пеевски.
Како што се наведува во соопштението на РЕ, за оваа иницијатива ќе расправа Бирото на групата на состанокот закажан за доцна попладнево и доколку ја поддржи, согласно статутарните правила, на 14 јануари ќе се гласа за престанокот на членство на ДПС во „Да ја обновиме Европа“.
Според претседателката на РЕ, Валери Ајер препораката за итно исклучување на бугарската партија од либералната група е усвоена затоа што „вредностите на фракцијата ДПС-Пеевски се суштински некомпатибилни со оние на „Да ја обновиме Европа““.
- Владеењето на правото е ДНК на нашата група, додаде Ајер.
Во соопштението на РЕ се нагласува дека до ваквата иницијатива довеле „активностите во и надвор од партијата“ ДПС.
Најголемата политичка сила во РЕ, федерацијата на либерални партии Алијанса на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ), минатата недела предложи воспоставување на „санитарен кордон“ кон Пеевски. Терминот „санитарен кордон“ се користи за изолација или неприфаќање соработка со одредени партии, поединци или структури, со кој вообичаено се објаснува изолирањето на екстремистичките групи од страна на центристичките политички сили.
Поради внатрешната борба за превласт меѓу Пеевски и историскиот лидер и основач на ДПС, Ахмед Доган, во јули годинава дојде до раскол во партијата. Во август основен суд го призна Пеевски за „легитимен лидер на ДПС“, па во тек е постапка околу лидерскиот спор пред повисока судска инстанца.
По ваквата судска одлука, за учество на предвремените парламентарни избори во Бугарија на 27 октомври, крилото на Пеевски регистрираше коалиција со уште две помали партии под името Движење за права и слободи – Нов почеток (ДПС-НН), а она на Доган друга коалиција, исто така со уште две партии, наречена Алијанса за права и слободи (АПС). На овие избори ДПС-НН освои околу 11 отсто од гласовите и 30 пратенички места, а АПС седум проценти и 19 мандати.
По изборите беа упатени обвинувања, меѓу останатите и од страна на бугарскиот претседател Румен Радев, за наводно масовно „купување гласови“ и „измами при пребројувањето на гласачките ливчиња“ во корист на коалицијата на Пеевски, но не беа спроведени никакви истраги за ваквите тврдења.
ДПС е членка на АЛДЕ, но паневропската партија уште во јули се закани со нејзино исклучување од своите редови поради „улогата на Пеевски“ во неа. Сепак, бугарската партија се уште е членка на АЛДЕ. Генералниот секретар на АЛДЕ, Дидрик де Шацен изјави дека „нестрпливо чекаат правна разрешница за случаите пред судовите во врска со лидерството во ДПС“.
Пеевски е ставен на американската „црна листа“ врз основа на т.н. „Закон Магнитски“ за отчетност во владеење на правото во Русија и Молдавија, усвоен во 2012 година, кој има за цел да бидат санкционирани руските функционери одговорни за смртта на адвокатот Сергеј Магнитски во московски затвор во 2009 година. Со дополнително законско решение од 2016 година, американската Администрација доби овластување да воведува санкции кон странски владини функционери ширум светот кои ги прекршиле човековите права. Санкциите опфаќаат замрзнување на нивните имоти и средства и забрана за влез во САД.
Американското Министерството за финансии во јуни 2021 година согласно „Законот Магнитски“ на „црната листа“ ги стави Пеевски, политичарот Илко Жељазков и олигархот Васил Божков. Дополнително санкции се воведени и кон 64 правни субјекти во сопственост или под контрола на Божков и Пеевски.
Според одлуката на Министерството за финансии на САД, Пеевски користел мито и корупција „за да се заштити од јавен надзор и да врши контрола врз клучните институции и сектори во бугарското општество“.
Истата година, Пеевски беше санкциониран и од Велика Британија врз основа на Глобалните регулативи за антикорупциски санкции.
Медиумската империја на Пеевски, „Нова бугарска медиумска групација“, според „Репортери без граници“, во 2016 година контролирала речиси 80 отсто од дистрибуцијата на печатените медиуми во Бугарија, а во тој период беше посочувано оти таа има монопол на дистрибуцијата на весници и дигитални телевизиски канали, како и дека контролира или влијае на многу локални медиуми и веб-страници, кои официјално не ги поседува. Покрај ова, во тоа време Пеевски поседува и неколку градежни фирми и е сопственик на „Булгартабак“, најголемиот производител и дистрибутер на тутун и тутунски производи во Бугарија.
По засилениот притисок врз него и обвинувањата за корупција и шверц, вклучително и на цигари во Турција, Пеевски ги продаде медиумите во негова сопственост на водечкиот провајадер на телекомуникациски и медиумски услуги во Југоисточна Европа, „Јунајтед Груп“, чиј доминантен сопственик е српскиот бизнисмен Драган Шолак. „Јунајтед Груп“, меѓу останатото ги посетува НетТВ Плус, ТоталТВ, Еон ТВ, Виваком, како и „Српската кабелска мрежа“ (СББ) и мрежата кабелски оператори „Телемах“ во БиХ, Словенија, Хрватска и Црна Гора. сп/
Фото: МИА Архива