• Sunday, 05 January 2025

Градоначалникот Ѓорѓиевски донираше книги на Брајово писмо

Градоначалникот Ѓорѓиевски донираше книги на Брајово писмо

Скопје, 4 јануари 2025 (МИА) - По повод Светскиот ден на Брајовото писмо – 4 јануари, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, го посетил Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов", каде донирал нови наслови напишани со Брајово писмо.

Како што информираат од општинската прес-служба, учениците ќе имаат можност да уживаат во македонски класици, меѓу кои „Приказни за Зоки Поки“ од Оливера Николова, „Сказна за детето Вилен“ од Глигор Поповски и „Белото циганче“ од Видое Подгорец.

Покрај оваа донација, градоначалникот Ѓорѓиевски донирал наслови со Брајово писмо и во библиотеката лоцирана во Домот на културата во Кисела Вода. Оваа иницијатива, како што наведуваат во соопштението, е дел од заложбите на општината за намалување на маргинализацијата на лицата со оштетен вид и создавање на еднакви можности за нив.

- Овие книги се исклучително скапи и тешко достапни, бидејќи ги нема во слободна продажба. Оваа година дониравме три популарни дела од македонски автори, кои ќе го збогатат фондот на библиотеката и ќе овозможат учениците да уживаат во литература која е дел од нашето културно наследство. Брајовото писмо веќе 200 години е прозорец во светот за слепите и слабовидните лица, посочил градоначалникот.

Според Ѓорѓиевски, ваквите донации не само што го олеснуваат нивното читање, туку значат и поддршка за нивната едукација, интеграција и личен развој.

-Дополнително, со нашата донација на вакви книги и во библиотеката во Домот на култура во Кисела Вода, овозможуваме овие книги да бидат достапни и за пошироката заедница, што претставува нов чекор во овозможувањето еднакви можности за сите. Грижата за лицата со намален вид е приоритет во нашата општина. Во Кисела Вода се наоѓа првото целосно инклузивно основно училиште, каде што во дворот се поставени тактилни патеки за нивна полесна ориентација. Тактилни патеки поставивме и во општинската зграда, а натписите се напишани и со Брајова азбука. Сето ова е дел од нашите напори за намалување на маргинализацијата и овозможување еднакви можности за сите жители на Кисела Вода, изјавил Ѓорѓиевски.

Од Општина Кисела Вода информираат дека книгите што ги донирале се во издавние на „Алдебаран“ од Струга, единствената издавачка куќа во државата што во рамки на својата дејност има сегмент за издавање публикации на Брајово писмо. фф/бак/

Фото: Општина Кисела Вода